Утрински Весник
Спорт

Шпанија во полуфинале! Мерино повторно херој, Белгија елиминирана

Img 8977.jpeg

Европскиот шампион Шпанија обезбеди пласман во полуфиналето на Светското првенство, откако во четвртфиналниот дуел во Лос Анџелес ја совлада Белгија со 2-1. Херој на „црвената фурија“ повторно беше Микел Мерино, кој со гол во самиот финиш го реши победникот и втор натпревар по ред ја однесе својата репрезентација меѓу најдобрите.

Шпанците уште од првата минута го презедоа целосниот контрол врз играта, создавајќи бројни шанси пред голот на Тибо Куртоа. Притисокот конечно беше крунисан во 30. минута, кога Фабијан Руиз со прецизен удар ја затресе мрежата за заслужено водство од 1-0.


Иако имаа можност да ја зголемат предноста, Шпанците не ги искористија своите шанси, а казната стигна непосредно пред паузата. Во 40. минута Шарл Де Кетеларе погоди за 1-1 и го постигна првиот гол што Шпанија го прими на овој Мундијал.

Во второто полувреме сликата на теренот не се промени. Шпанците продолжија да напаѓаат, додека Белгија се бранеше и се обидуваше да се закани преку ретки контранапади.

Клучниот момент се случи во 71. минута, кога поради повреда играта ја напушти Тибо Куртоа, а на негово место застана Леменс. Токму резервниот голман беше трагичарот на белгиската селекција.

Во 88. минута Кубарси упати силен удар од далечина, Леменс не успеа добро да ја скроти топката, а на одбиената најбрзо реагираше Микел Мерино, кој ја испрати во мрежата за конечни 2-1 и голема радост на шпанските навивачи.

Во полуфиналето Шпанија ја очекува вистински фудбалски спектакл против актуелниот светски вицешампион Франција. Големата пресметка за место во финалето е закажана за 14 јули во Далас, каде европскиот шампион и светскиот вицепрвак ќе се борат за билет во мечот за светската титула.

Можете да прочитате

Ѓоковиќ: Синер ме разнесе, беше многу подобар од мене

Франција прва обезбеди место во полуфиналето на Мундијалот

Останаа уште осум натпревари до светскиот шампион – вечерва стартува четвртфиналето