Патот кон членство во НАТО може да потрае подолго од очекуваното, барем така беше во случајот со Северна Македонија, а знаеме со какви предизвици се соочи и Шведска, но таа успеа да ги реши и сега е дома, изјави заменик генералната секретарка на Алијансата, Радмила Шекеринска во обраќањето на Годишната национална конференција на здружението „Народ и одбрана“ на тема „Ковање на иднината: Стратешката визија на НАТО под новото раководство“, што се одржува во шведскиот град Селен.
– Патувањето кон членство во Алијансата не е секогаш едноставно. Вие го знаете ова, а јас го знам од моето искуство работејќи за Северна Македонија при зачленувањето во НАТО пред неколку години. Секој народ има право да си го избере својот пат, а ние го избравме патот на слободата и демократијата. Вашето членство во НАТО е добро за стабилноста на Далечниот Север, Балтикот и пошироко, рече Шекеринска.
Таа ја нагласи важноста на членството НАТО, особено кога е присутна закана од Русија во различни форми.
-Свесни сме и будни сме. Знаеме дека во НАТО нашите народи се побезбедни заедно отколку сами. Кога (рускиот) претседател (Владимир) Путин ја започна својата целосна инвазија на Украина пред речиси три години, тој сакаше помалку НАТО. Сега доби повеќе НАТО. Членството во НАТО е огромна одговорност за секој сојузник, без разлика дали е основач или најнова членка, како Шведска, рече Шекеринска.
Според неа, со членството во НАТО, Шведска добива заштита и солидарност од останатите 31 сојузник, кои ќе го бранат нејзиниот суверенитет и слобода.
– Кога Шведска влезе во НАТО, се приклучи на заедницата на вредности, демократија, слобода и владеење на правото. И гледам како Шведска ги зајакнува овие скапоцени принципи на НАТО, секој ден во неговото седиште, но и низ нашата Алијанса во овој свет на сложени закани што ги предизвикуваат нашите војски и нашите општества. Нашата безбедност зависи од тоа да останеме обединети и издржливи, порача Шекеринска.
Таа нагласи дека стратешката визија на НАТО под новото раководство може да изгледа застрашувачка задача и на вистина е, но сепак тој нов тим има јасно чувство за целите, насоката и итноста,
– Знаеме што мора да направи НАТО сега, но знаеме и што мора да направи НАТО во годините што следат. Безбедносната ситуација околу нас и на глобално ниво е мрачна. Светот е понестабилен и поопасен. Повторно има војна во Европа, а авторитарните сили се во залет. Како демократии, ние мора да останеме силни, мора да бидеме обединети и, веројатно ова е и најважното, мора да преземеме акција сега, рече Шекеринска.
Според неа, за да се справи со се потурбулентното безбедносно опкружување, Алијансата мора да ги зголемува трошоците за одбраната и одбранбеното производство.
– Русија е најзначајната и нај ждиректната закана за нашата безбедност. Нејзиниот напад во Украина продолжува, а кога војната ќе заврши не можеме да го вратиме часовникот на местото каде што бевме порано. Русија се подготвува за долгорочна конфронтација со нас. Отворено го кажуваат ова и така постапуваат, нагласи Шекеринска.
Таа потенцира дека вкупните воени трошоци на Русија ќе достигнат најмалку седум или осум отсто од рускиот БДП и таа заедно со Кина, Иран и Северна Кореја имаат за цел да го дестабилизираат глобалниот поредок, да ги ослабат Европа и Северна Америка и да ги поткопаат нашите слободи.
– Во тек е кампања на непријателски активности против различни НАТО сојузници. И претходно слушнавме расправи за тоа, вклучително и за кибер напади, саботажи и дезинформации, додаде Шекеринска, потсетувајќи на мерките што ги презеде Алијансата за зголемување на безбедноста на критичната инфраструктура и следење на потенцијалните закани и најави зајакнато воено присуство на Пактот во регионот на Балтичкото Море.
– Ние сме подготвени да ги браниме нашите граѓани и нашата територија денес, но не можеме да го гарантираме тоа за во иднина, доколку не преземеме акција сега. Генералниот секретар и јас се согласуваме дека сојузниците мора да се префрлат на размислување како во време на војна. Треба да ги зголемиме одбранбеното производство и трошоците за одбраната за да можеме да продолжиме да гарантираме дека нашите луѓе се безбедни, додаде Шекеринска.