Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе“ во режија на Сузана Диневски – „Сузи Кју Продукција“ е награден со уште 3 нови награди: за најдобар краткометражен филм на тема за жени (Best Women’s Issue Short) на Фестивалот на независен филм во Дубаи во Обединетите Арапски Емирати (Dubai Independent Film Festival), за најдобар Европски краток филм (Best European Short) на Фестивалот на краткометражни драмски филмови (Night of Drama Shorts) во Италија и за најдобра актерка во краткометражен филм (Сара Климоска) на Меѓународниот филмски фестивал Лулеа во Шведска (Luleå International Film Festival).
Филмот „Шеќерни луѓе“ досега има освоено вкупно 10 награди во различни категории на повеќе меѓународни фестивали за краткометражни филмови. Воедно, филмот се прикажа и е во селекција на 32 филмски фестивали во САД, Канада, Англија, Франција, Германија, Италија, Шпанија, Австрија, Шведска, Албанија, Турција, Романија, Обединети Арапски Емирати, Парагвај, Венецуела и Аргентина.
Инаку, ова е 4-та награда за најдобра актерка за Сара Климоска за филмот „Шеќерни луѓе“. Претходно ја освои наградата за најдобра актерка на „Kiez Berlin Film Festival” во Германија, на „Reale Film Festival” во Италија и на „Art Film Spirit Awards” во соработка со „Toronto Film Magazine” во Канада, кадешто наградата за најдобар актер исто така ја освои Филип Трајковиќ. Дополнително „Шеќерни луѓе“ освои и награда за најдобар постер на „Toronto Women Film Festival” во Канада (дизајнер на постерот е Коста Лазаревски) и има освоено 2 награди за најдобра филмска музика компонирана од Дуке Бојаџиев на фестивалите „Chicago Shorts” во САД и „Cine Paris Film Festival” во Франција.
Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе” е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм и „Сузи Кју Продукција“. Главните улоги ги играат Сара Климоска и Филип Трајковиќ, сценариото е на Владимир Јанковски и Сузана Диневски, директори на фотографија се Димитар Попов и Дејан Димески, монтажата е на Гоце Кралевски, дизајнер на постерот е Коста Лазаревски, трејлерот е изработен од Горан Вуќиќ, тонски дизајнер е Дарко Спасовски и музиката компонирана за филмот е на Дуке Бојаџиев.