
Метео анализа на Славчо Попоски:
Ова лето 2026 ќе биде значително потопло во Македонија и тоа за околу 2 степени ќе биде потопло од повеќе годишниот просек. Ова лето ќе бидеме сведоци на чести и екстремно топли бранови од Африка кои ќе условуваат да имаме екстремно високи температури на воздухот кои во најголем дел ќе надминуваат 35 степени, а во Повардарието, Скопската котлина и во југоисточните предели почесто температурите ќе надминуваат и 40 степени, особено во јули и во август 2026.
Често ќе ги имаме и оние тропски ноќи кои особено во Повардарието, Скопската котлината и во југоисточните предели од Македонија кога температурите ниту во текот на ноќните и утринските часови нема да се спуштаат под 20 степени.
Секако и покрај ова ќе имаме повремени освежувања на времето, формирање на конвективни облачни грмотевични јадра од кои очекувам појава на поројни врнежи од дожд, силни грмежи и засилен ветер. Временските непогоди со силен град и громови ќе ни бидат присутни и ова лето 2026, а временските непогоди повремено ќе бидат и силни.
Инаку, на 24 Јули 2007 година во Македонија е измерена највисоката температура од кога се мерат температурите, тогаш е постигнат и рекордот за највисока измерена температура во Македонија, и тоа во Демир Капија каде тогаш се измерени рекордни 45.7 степени. Рекордот за највисока измерена температура за Скопје е истиот ден 24 Јули 2007 година кога се измерени рекордни 43.4 степени.
Да напоменам, нема простор за паника, поради тоа што не се работи за нешто што досега не се случило во текот на летото, екстремно високите температури кои во текот на летото ги имаме во Македонија се нормална појава, а таквите температури сме ги имале и во минатото, и секогаш ќе ги имаме.



