Утрински Весник
Македонија

Се препорачува многу внимателно возење во Дебарско поради одрони на патиштата

Odroni.jpg

Поради чести одрони и влажни коловози на патните правци во поширокиот дебарски регион се препорачува многу внимателно возење.

-Поради обилните дождови присутни во дебарскиот и долнореканскиот крај на патиштата има чести помали, но има и поголеми одрони од камен и земја. Вчера доцна попладне имаше одрон од околу 15 кубни метри од камен на патниот правец Дебар-Маврово, на делница Жировница-Трница, изјави за МИА Деар Лиманоски, раководител на дебарската секција на Јавното претпријатие за одржување на магистрални и регионални патишта.


Додаде дека морале да интервенираат со багер, па сообраќајот бил времено во прекин во двата правци.

Екипи на секцијата се постојано на терен со цел навремено расчистување и безбедно одвивање на сообраќајот.

-Препорачуваме многу внимателно возење, приспособување на брзината на движење според условите на патот и строго почитување на патната сигнализација, рече Лиманоски.

Под надлежност на оваа секција се патишта во должина од над 120 километри, од Дебар кон Маврово и Струга, патот кон граничниот премин „Блато“, кракот Бошков Мост кон селата на Мала Река, како и патот Мелнички Мост – Центар Жупа.

Можете да прочитате

МАТУСИТЕБ бара конкретни механизми за застапеност на турската заедница во институциите

Мицкоски: Во вторник ќе се знаат новите министри и ресорите во Владата

Митрески до Кочоска: Зошто 44 милиони евра пари на осигурениците не се префрлени во вториот столб – кој ќе ја надомести штетата?