Утрински Весник
Македонија

Се најавува нов закон за локална самоуправа со можност да се отповика градоначалник и да се воведе комунална полиција

Mk Opstini.webp.webp

Можност за отповикување од функцијата градоначалник и воведување комунална полиција се новините што треба да бидат содржани во новиот закон за локална самоуправа, што вчера ги најави министерот за локална самоуправа Златко Перински. 

Актуелниот Закон за локална самоуправа, кој е стар над 20 години, нема можност за отповикување од функцијата градоначалник поради што избраните градоначалници остануваат на функцијата до крајот на мандатот. Според Перински, треба да се интервенира во Законот преку широк консензус и да се слушнат и интернационални експерти. 

– Токму затоа сметаме дека треба да се интервенира во овој Закон преку широк консензус, да слушнеме и интернационални, но и домашни експерти, да најдеме заедничко решение за да ја смениме оваа аномалија на Законот, рече Перински на вчерашната прес-конференција по повод 100 дена од работата на Министерството за локална самоуправа.

Со новиот закон за локална самоуправа којшто треба да биде прилагоден со модерните услови на живеење, се најавува и воведување на комунална полиција со цел во иднина да се превенираат девијантните појави со уништување на урбаната опрема. 

– Се соочуваме со секојдневни проблеми – се уништува урбаната опрема инвестирана од локалните самоуправи која се инвестира и потоа останува целосно незаштитена. Затоа сметаме дека Законот за комунални дејности кој е во ингеренции на друго министерство треба да се доработи и доуреди во насока на поголемо обезбедување, на зачувување на оние инвестиции во инфраструктура од локалните самоуправи, а наша интенција е комуналната полиција да ја препознаеме во Законот за локална самоуправа за во иднина да можеме да превенираме вакви девијантни состојби, вели Перински.

Општините секојдневно се соочуваат со уништена урбана опрема, искршени детски реквизити, уништени спортски игралишта…. На почетокот на јули, Општина Центар до медиумите испрати видеа како малолетници во вечерните часови ја уништуваат урбаната опрема на детско игралиште во Капиштец. Видеата, како што информираа од Општината, биле пристигнати од загрижени граѓани. 

И претседателот на ЗЕЛС и актуелен градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски неодамна на телевизиско гостување рече дека треба да има механизам за отповикување на градоначалници кои не ја извршуваат функцијата поради која се избрани од страна на граѓаните. Ѓорѓиевски посочи дека тим од градоначалници и правници подготвуваат предлог законски измени коишто планираат да ги достават до Министерсвото за локална самоуправа.

– Градоначалниците имаат голема моќ и освен на избори не можат да бидат променети. Таква е состојбата со градоначалничката на Скопје и со некои други. Факт е дека треба да има законски контролен механизам, отчетност пред граѓаните и секој градоначалник кога ќе стапи на функцијата треба да биде свесен дека би можел пред време да биде променет, рече Ѓорѓиевски во дебатата „Клик плус“ на ТВ21.

Можете да прочитате

Три нови случаи на голема кашлица во Македонија

Спасовски: Среќен роденден мое СДММ!

Земјотрес со јачина од 2,9 степени регистриран во околината на Ресен