
Соопштение на СДСМ:
Застрашувачки се информациите за масовното уништување на животната средина на територија на Општина Аеродром, откриен од инспекцијата на Град Скопје.
Додека општинските инспектори за заштита на животната средина спијат, градоначалничката од ВМРО-ДПМНЕ Данела Арсовка како во некое нискобуиџетно реално шоу објавува снимки од нелегална сепарација за ископ на песок кај мостот на Вардар во Долно Лисиче.
Општинската инспекција повеќе работи на личниот пи-ар и дигитален маркетинг на Дејан Митески, отколку на заштитата на животната средина.
Општината е во целосен распад, диви депонии на секој чекор, неискосени тревници, распадната урбана опрема и преполни контејнери и корпи за отпад се дел од секојдневието на жителите на Аеродром, како никогаш до сега. Енормно загадување на воздухот во зимскиот период. И сега дополнително загрозен водниот тек на реката Вардар и целиот негов екосистем.
Дејан Митески на сограѓаните од Аеродром им должи одговори:
Работи ли нешто општинскиот инспектор за заштита на животната средина?
Дали Општина Аеродром има било каква информација или пријава дека на својата територија има сепарација за ископ на песок која работи без потребните лиценци, елаборати и дозволи?
Доколку има дали тоа е проследено до Државниот инспекторат и инспекцијата на Град Скопје и зошто за тоа благовремено не е информирана јавноста?
Кога последен пат општинскиот инспектор за животна средина го посетил Долно Лисиче?
Дали во последните 4 години општинскиот инспектор за заштита на животната средина има констатирано било какви прекршувања на законите за животна средина на територија на Аеродром?
Зошто раководителката на општинската администрација во работно време поминува повеќе време на расправање со граѓаните на Фејсбук отколку на терен?
Ова ли е скандинавското управување со општините за кое говореше Мицкоски?
За катастрофите во Аеродром време е некој да понесе одговорност. Време е Митески и ВМРО-ДПМНЕ да заминат во опозиција.