Утрински Весник
Македонија

СДСМ бара разрешување на Христовски од АНБ, тој е партиски кадри и пропагандист на ДПМНЕ 

Milievski1.jpg

Интегрален текст од прес конференција на СДСМ, Методија Илиевски

Со назначувањето на Бојан Христовски власта на Мицкоски и ДПМНЕ прави опасна партизација на Агенцијата за национална безбедност и ги крши законите.

Во член 10 од Законот за АНБ јасно стои дека директор на Агенцијата не смее да биде член на политичка партија или член на органи и тела на политичка партија.

Наместо професионалец, на чело на АНБ власта поставува партиски човек, претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и активен пропагандист на власта.

Бројни објави, фотографии и натписи на неговата Фејсбук страница кои целосно го потврдуваат ова. Буквално секој негов пост, е посветен на ДПМНЕ и во функција на пропагандата на Мицкоски.

Христовски го има на слики во речиси сите партиски штабови на ДПМНЕ во Скопје. Може да се види многу горд со Мицкоски, со Силјановска, и како ревносно ги пропагира политиките на неговата партија.

Буквално нема неполитичка, ниту некаква професионална објава на Христовски, сите му се партиски. Дури и во последните објави на Христовски се гледа тоа. На 25 септември, со слика пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ ќе објави дека „ја чува организацијата”.

Кога ги гледате овие објави многу смешно личат изјавите на Мицкоски и ДПМНЕ дека се деполитизирал, тоа едноставно е чиста лага.

Но, има и објави кои се загрижувачки и кои покажуваат какви се неговите скриени намери против самата институција на којашто е поставен.

Еве ја таа објава. На 1 септември оваа година Христовски ќе напише, цитирам „Нека е честит петтиот и последен роденден на Агенцијата за национална безбедност!”

Се поставува прашањето дали Христовски по партиски налог всушност ќе работи за уништување на АНБ?

Со партизација на оваа важна институција, власта има единствена цел повторно да ги злоупотребува безбедносните служби за партиски цели. Исто како и во времето пред 2016 година.

АНБ треба да остане независна институција која ќе работи за доброто на сите граѓани, а не за интересите на една партија и еден човек, а тоа се Мицкоски и ДПМНЕ.

На политиката и на партиските кадри не им е местото во АНБ.

Бараме итни мерки за департизација, односно разрешување на Христовски и назначување на нов директор на АНБ, со што ќе се врати професионализмот и довербата во оваа институција.

Линк до видео: https://www.youtube.com/watch?v=jlssv6zWCt4

Можете да прочитате

Доне Таневски продаде голем удел од акциите во „Македонија турист“ – „Скопски пазар“ на Фатмир Етеми ја зацврстува позицијата на втор најголем акционер

Лукаревска: СДСМ поднесе амандман за поддршка на зелената транзиција и намалување на загадувањето

НСО: Исплатени обврските кои беа заостанати од потпишувањето на колективниот договор