
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Ненад Савески, денеска во Сараево учествуваше на Третиот консултативен форум на државни и специјални обвинители од Западен Балкан, организиран од Европравда. На форумот присуствуваше и основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази.
Во своето обраќање, Савески порача дека само преку координирани дејствија, брза размена на информации и заедничка соработка обвинителствата во регионот можат ефикасно да одговорат на предизвиците што ги носат организираниот криминал и корупцијата.
„Западниот Балкан одамна бил единствен регион. Близината на културите, јазиците и начинот на живеење нè поврзуваат, но во исто време им овозможуваат и на сторителите на кривични дела лесно да ги префрлаат своите активности преку границите и да се обидуваат да избегнат кривичен прогон“, истакна Савески.
Тој нагласи дека токму меѓународната правна помош, брзата обработка на замолниците, координираните истражни активности и формирањето заеднички истражни тимови се клучни механизми без кои денес не може да има ефикасна борба против криминалот и корупцијата.
Савески посебно ја истакна важноста на Проектот за кривична правда на Западен Балкан, финансиран од Европравда, оценувајќи дека станува збор за еден од најсилните инструменти за поддршка на македонското обвинителство во справувањето со прекуграничниот криминал.
Според него, кривичните дела поврзани со организиран криминал и корупција бележат раст, а паралелно се зголемува и бројот на предмети за кои е побарана меѓународна правосудна соработка.
На ваквите трендови укажа и обвинителот Абази, кој истакна дека криминалните структури сè почесто дејствуваат истовремено во повеќе држави преку финансиски трансакции, дигитални комуникации и сложени логистички мрежи.
„Во такви случаи, заедничките истражни тимови не се само корисен механизам, туку реална оперативна неопходност“, нагласи Абази.
Тој посочи дека ОЈО ГОКК веќе формирало заеднички истражен тим со Косово во предмет поврзан со недозволена трговија со наркотични дроги, како и тим со Италија, Албанија и Косово во предмет од областа на тероризмот.
„Овие искуства покажаа дека заедничките истражни механизми овозможуваат значително поефикасна координација, побрза размена на информации и синхронизирано преземање истражни дејствија“, изјави Абази.
На маргините на Форумот во Сараево, Савески оствари средба и со претседателот на Европравда, Мајкл Шмид, како и билатерални разговори со државните јавни обвинители на Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово.


