
Новиот државен јавен обвинител Ненад Савески најави дека ќе се сретне со обвинителите кои постапуваат во предметот за трагедијата во Кочани, но нагласи дека нема намера да се меша во нивната работа.
Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, Савески изјави дека најпрво сака да се запознае со состојбите во предметот, кој, како што посочи, сè уште е во рана доказна постапка.
„Ќе имам средба со јавните обвинители коишто постапуваат во конкретниот предмет. Можеби е добро да дојде позрела фаза од постапката за да може соодветно да се согледаат состојбите и да дадам свој став“, рече Савески.
Тој потенцира дека обвинителството функционира по принцип на хиерархија, но неговата цел е секој обвинител да одлучува независно, без притисок од претпоставените.
„Секој јавен обвинител треба да постапува самостојно, врз основа на докази и професионално да ги презентира пред судот“, истакна Савески.
Во однос на дилемите во јавноста околу различниот пристап во предметите поврзани со трагедијата во Кочани, тој посочи дека засега нема целосен увид во обвинението, но дека ќе разговара со предметните обвинители.
На прашањето дали може да дојде до преквалификација на делото, Савески објасни дека тоа е можност која стои на располагање во текот на целата постапка.
„Јавниот обвинител може да ја менува правната квалификација до крајот на постапката, врз основа на доказите што ќе произлезат во судница“, рече тој.
Сепак, призна дека станува збор за исклучително чувствителен предмет.
„Во нашата професија важи правилото – емоциите настрана. Но, ова е случај каде што тоа не може целосно да се примени, затоа што сите сме луѓе и родители“, додаде Савески.


