Утрински Весник
Македонија

Само менуваме министри за здравство, а здравството останува болно вели Даниловски

Whatsapp image 2026 06 30 at 12.13.04.jpeg

Професорот Драган Даниловски повика на изработка на долгорочна национална стратегија за здравството, која ја нарече „Здравствен устав“, оценувајќи дека македонскиот здравствен систем со децении се движи во циклус на недовршени реформи и чести кадровски промени.

Во објава на социјалните мрежи, Даниловски посочува дека со секоја промена на министерот за здравство се отвораат нови приоритети и нови почетоци, додека клучните проблеми остануваат нерешени.


Тој предупредува дека незаразните болести и понатаму се водечка причина за смртност, населението старее, младите лекари и медицински сестри ја напуштаат земјата, а листите на чекање и недоволното внимание кон превенцијата остануваат хронични слабости на системот.

Според Даниловски, подобрувањето на здравствените исходи не може да се постигне во рамките на еден четиригодишен мандат, туку бара долгорочна визија, институционална стабилност и јасно утврдени национални приоритети.

Тој предлага усвојување на национална стратегија за здравството со широк политички и општествен консензус, која би ги обврзувала сите идни влади без оглед на нивниот политички состав. Документот, според него, треба да содржи јасно дефинирани цели, рокови и мерливи показатели, а Владата секоја година да поднесува извештај пред Собранието за степенот на нивната реализација.

Даниловски смета дека меѓу приоритетите треба да бидат намалувањето на предвремената смртност од кардиоваскуларните и малигните заболувања, развојот на превентивните и скрининг-програмите, рамномерната достапност на здравствените услуги и долгорочна кадровска политика која ќе ги задржи младите здравствени работници во земјата.

„Македонија одамна го има достигнато моментот кога здравството треба да стане државен, а не партиски проект. ‘Здравствениот устав’ може да биде првиот чекор во таа насока“, порачува Даниловски.

Можете да прочитате

Голем пожар во Шуто Оризари, густ црн чад се гледа од повеќе делови на Скопје

Алиу го пушти во употреба реконструираниот Здравствен дом во Куманово, инвестирани 6 милиони денари

СДСМ: Мицкоски прави ЗНАМ 2.0 – Луѓе без имиња, организатор без име, иднина без лице