
САД воведоа нови царини од 10 до 12,5 проценти за увоз од 60 земји и економски блокови, отворајќи ново поглавје во глобалните трговски тензии.
Одлуката на администрацијата на претседателот Доналд Трамп доаѓа само неколку месеци откако Врховниот суд на САД ги поништи претходните реципрочни царини, оценувајќи дека биле воведени врз несоодветна правна основа.
За да ја заобиколи судската пресуда, Белата куќа прво воведе привремена глобална царина од 10 проценти со рок од 150 дена. По истекот на мерката, американскиот трговски претставник Џејмисон Грир најави нов систем на давачки заснован на Член 301 од Законот за трговија од 1974 година, со што Вашингтон настојува да обезбеди посилна правна основа за својата трговска политика.
Новите царини се поврзани со прашањето за принудната работа. Земјите кои имаат формална и ефективна забрана за увоз на производи изработени со принуден труд ќе плаќаат царина од 10 проценти, додека за останатите стапката ќе изнесува 12,5 проценти. Мерката опфаќа речиси целосен увоз од најголемите американски трговски партнери, меѓу кои се Европската Унија, Кина, Канада, Велика Британија, Индија, Јапонија, Бразил, Турција и Русија.

