Утрински Весник
Свет

САД против дозволата за постојано присуство на доселениците на Западниот Брег

САД против дозволата за постојано присуство на доселениците на Западниот Брег

Администрацијата на Бајден во неделата го прекори Израел поради одредбата со која им се дозволува на еврејските доселеници да воспостават постојано присуство во населба на Западниот Брег, пренесува „Тајмс оф Израел“.

dobivaj vesti na viber

Началникот на Централната команда на израелската армија потпишал одредба во четвртокот со која им се дозволува на Израелците да влезат во областа Хомеш, отворајќи пат за формирање формална населба таму.

Стејт департментот во неколку наврати го повика Израел да се воздржи од какви било потези кои ги ескалираат тензиите со Палестинците, како што е формализирањето на доселеничките населби и конкретно го предупреди да ја избегне легализацијата на нелегалната населба во Хомеш.

„Длабоко сме вознемирени од одредбата на израелската влада со која им дозволува на своите граѓани да воспостават постојано присуство во населбата Хомеш на северниот дел на Западниот Брег, која според израелскиот закон е незаконски изградена на приватна палестинска земја“, рече портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.

Одредбата не е во согласност со обврските на израелската влада преземени во 2004 година и во поново време пред претставниците на администрацијата на Бајден, додаде Милер.

Амбасадата на Израел во Вашингтон не одговорила на барањето за коментар.

Израелски функционер, кој инсистирал на анонимност, рекол дека споменатата одредба има за цел да им овозможи на Израелците да продолжат да го посетуваат постоечкото верско училиште во Хомеш и дека владата нема намера да ја обнови населбата или да дозволи израелско присуство на приватна палестинска земја.

Прекорот од страна на САД доаѓа по неколкумесечното ескалирање на насилството меѓу Израелците и Палестинците кои ги тестираа врските меѓу Вашингтон и неговиот клучен сојузник на Блискиот Исток.

Претходно во неделата, израелскиот министер за безбедност Итамар Бен-Гвир, кој е дел од екстремно десничарската влада што дојде на власт во декември, го посети комплексот на џамијата Ал Акса – свето место и за муслиманите и за Евреите – и изјави дека Израел е надлежен таму.

Милер истакна дека Вашингтон е подеднакво загрижен и поради провокативната посета на Бен-Гивр и неговата подбуцнувачка реторика.

„Ова свето место не треба да се користи за политички цели и ги повикуваме сите страни да ја почитуваат неговата светост“, рече Милер, потврдувајќи ја и американската позиција дека на светите места во Ерусалим треба да се задржи статус кво.

Можете да прочитате

Ердоган во Истанбул се сретна со лидерот на Хамас, Ханија

Египет бара Израел да ги отвори премините со Појасот Газа

Израелски напад во Рафа, загинаа 6 деца и тројца возрасни