
Соединетите Американски Држави го забрзаа повлекувањето од две воени бази во источната сириска провинција Деир ез-Зор, вклучувајќи ја и најголемата американска база во Сирија, според извештај на воениот набљудувач Сириската опсерваторија за човекови права (SOHR).
Рами Абдулрахман, директор на Сириската опсерваторија за човекови права (SOHR), за „The New Region“ изјави дека „во текот на изминатите неколку часа, американските сили извршија ненадејно повлекување од две значајни воени бази во источната рурална област Деир ез-Зор“. Станува збор Ал-Омар, најголемата американска база во Сирија, и гасните постројки Коник, кои сега се под контрола на Сириските демократски сили (SDF) предводени од Курдите.
Повлекувањето започнало постепено на 18 мај, а се интензивирало во последните два дена, при што американски конвои со оклопни возила и логистичка опрема биле забележани како ги напуштаат позициите. СДФ распореди свои командоси на испразнетите локации. Овие бази во последните две години често биле цел на вооружени групи поддржани од Иран.
САД, заедно со меѓународната коалиција, одиграа клучна улога во поразот на терористичката Исламска држава (ИД) во Сирија, соработувајќи со СДФ, кои останаа нивни главен сојузник. Вашингтон посредуваше за примирје меѓу силите поддржани од Турција и СДФ претходно во 2025 година. Американските сили го задржуваат присуството во базата Шадади, јужно од Хасака, каде продолжуваат со операциите против остатоците од ИД.
Повлекувањето предизвика загриженост за можен вакуум на моќ во североисточна Сирија, особено поради кревката безбедносна состојба. САД ги прекинаа дипломатските односи со Сирија во 2012 година поради граѓанската војна, но во последните месеци започнаа соработка со новата влада во Дамаск по падот на режимот на Башар ал-Асад.