Русија нема да ги екстрадира државјаните осудени во отсуство за нивната улога во соборувањето на летот MH17 на Малезија ерлајнс во 2014 година над Украина, изјави руски политичар по донесената пресуда која беше поздравена од Украина и од САД.
MH17 беше патнички авион кој беше соборен над Украина на 17 јули пред 8 години. Сите 298 патници и членови на екипажот загинаа.
Руските разузнавачи Игор Гиркин и Сергеј Дубински и лидерот на украинските сепаратисти Леонид Карченко беа осудени на доживотен затвор. Четвртиот, Олег Пулатов, беше ослободен по сите точки од обвинението.
Денеска Русија ја осуди како „политичката“ одлуката на холандскиот суд да прогласи тројца мажи, од кои двајца се Руси, за виновни за соборувањето на авионот на Малезија ерлајнс.
„Текот и резултатот од судскиот процес покажуваат дека (одлуката) се заснова на политичка наредба“, се вели во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.
„Судењето во Холандија ги има сите шанси да стане едно од најскандалозните во историјата на судењата“, наведува руското МНР, додавајќи дека судот „бил под невиден притисок од холандски политичари, обвинители и медиуми да наметне политички мотивиран исход“.
Украинскиот претседател ја поздрави пресудата, но рече дека „на нарачателите“ на нападот сега мора да им се суди.
„Казната за сите руски злосторства – сегашни и минати – ќе биде неизбежна“, напиша Володимир Зеленски на Твитер.