Утрински Весник
Свет

Русија го обвини Западот дека ја користи Украина како локација за тестирање

Русија го обвини Западот дека ја користи Украина како локација за тестирање

Русија во четвртокот го обвини Западот дека не покажува интерес за мирно решавање на конфликтот во Украина и за користење на земјата локација за тестирање.

dobivaj vesti na viber

„Се води прокси војна со Русија и со Украина. Од последниот состанок на Советот во февруари за испорака на западно оружје за Украина, неговиот прилив не само што не се намали, туку и постојано расте “, истакна, рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензја, пред 15-члениот Совет за безбедност на ОН.

Небензја тврди дека одредени држави не се придржуваат до договорите за разоружување и неодговорно го поттикнуваат ширењето на оружјето во Украина.

„Целите на колективниот Запад се јасни на сите – користење на Украина како полигон за тестирање, развлекување на конфликтот до последниот Украинец… далеку од моралните принципи и хуманитарните вредности“, рече тој.

Русија претходно ги обвини САД – без докази – дека финансираат лаборатории за биолошко оружје во Украина иако Вашингтон ги негираше тврдењата.

Роберт Вуд, заменик амбасадор на САД во ОН, рече дека испораките на оружје за Украина не се причина за продолжување на беспотребната војна на Русија.

„Ако Русија навистина сака деескалација, едноставно ќе ги повлече своите трупи и ќе стави крај на својата инвазија“, рече тој.

Реагирајќи на коментарите а рускиот амбасадор, францускиот амбасадор во ОН Николас де Ривиер праша:

„Што очекува Русија? Дека испораката на оружје за Украина ќе престане за да може таа да победи во оваа војна и да ја наметне својата волја? И што понатаму? Потоа можеме да преминеме на нешто друго, на нова агресија. Русија не може и не смее да победи во овој конфликт“, рече Ривера.

Како што додаде тој, не може да се прифати „нормализација на незаконската употреба на сила“.

„Не можеме да живееме во свет во кој суверенитетот и безбедноста на сите зависат само од рамнотежата на силите“, порача францускиот дипломат, обвинувајќи ја Москва за кршење на резолуциите на ОН со тоа што се обидува да набави оружје нелегално за да ги надополни своите залихи со купување борбени беспилотни летала од Иран и ракети и муниција од Северна Кореја.

Коментарите на Небензја доаѓаат откако украинскиот претседател Володимир Зеленски успешно обезбеди повеќе транши оружје за да ги зајакне одбранбените способности на својата земја.

Германија најави дополнителен пакет воена помош вреден 2,7 милијарди долари, кој вклучува тенкови „леопард“ и дополнителни противвоздушни системи, а Британија најави донација од ракети со долг дострел „сторм шедоу“ кои ќе му овозможат на Киев да ги потисне руските сили од украинската територија.

Директорот на Канцеларијата на ОН за разоружување и заменик на високиот претставник, Адедеџи Ебо, предупреди дека приливот на оружје во секој вооружен конфликт може да го зголеми ризикот од ескалација.

Можете да прочитате

Почна евакуација на населението поради ерупција на вулканот во Индонезија

Советот НАТО-Украина ќе одржи вонреден состанок за противвоздушната одбрана на Киев

Украина тврди дека соборила руски бомбардер