Утрински Весник
Економија

Ристески: Минималната плата мора да се зголемува системски, одржливо и во рамки на економските реалности

31330.jpg

Заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески, во гостување на емисијата „Став на регионот“ на регионалната телевизија Нјузмакс Балканс (Newsmax Balkans) јасно порача дека Владата не е против зголемување на минималната плата, туку напротив – нејзината стратешка цел е континуиран раст на сите плати и подобрување на животниот стандард, но исклучиво преку системски, договорени и економски одржливи решенија.

– Како Влада остануваме посветени на спроведување на политики со кои ја зајакнуваме економијата во државата и го зголемуваме животниот стандард, но тоа не се прави со ад-хок решенија и со носење на административно-политикантски одлуки. Ние сме посветени на трипартитниот социјален дијалог во рамки на Економско-социјалниот совет, отворени сме дискутираме транспарентно за сите отворени прашања. Минималната плата мора да се зголемува системски, одржливо и во рамки на економските реалности – кажа заменик-министерот Ристески.

Ристески додаде дека е потребен сериозен пристап при решавањето на економските прашања, кои се базираат на анализи и податоци со цел носење на системски решенија, а истите треба да произлезат од договор во рамки на Економско-социјалниот совет.

– Во моментов минималната плата се регулира со системско решение кое е донесено од страна со ЕСС и со поддршка на ССМ, по формула која е донесена пред неколку години. Тогаш ова решение беше претставено како голема победа и конечно воведување на системско решавање за утврдување и зголемување на минималната плата, без административно и политичко мешање во нејзиното креирање. Денес, истиот тој ССМ има сосема поинаков наратив и став за овој договор, кој тогаш донесе минимално зголемување во време кога имавме екстремно висока инфлација, а во време на стабилизирана економија и инфлација од 4 проценти бараат зголемување на минималната плата надвор од оваа законска формула за 50 проценти. Ова нивно однесување, без притоа да се земе во предвид и еден од најрелевантните економски показатели, а тоа е продуктивноста на трудот, укажува дека нивните барања се без било каква економска логика – додаде Ристески.

Заменик-министерот Ристески потенцираше дека паушалните споредби со другите држави може да даде искривена слика за состојбите бидејќи секоја економија е различна и има свои карактеристики.

– Македонската економија има специфична структура каде над 90 проценти од постоечките компаниите се микро, мали и средни претпријатија, како и занаетчии и поединци-трговци кои вработуваат најголем дел од работната сила и кои ќе бидат најдиректно засегнати од овие прашања и одлуки. Дополнително, имаме и сектори во државава, пред се поврзани со трудово-интензивните гранки како што се текстилната и кожарската индустрија, каде што минималната плата е најзастапена и каде секое непромислено зголемување може директно да го загрози опстанокот на работните места – додаде Ристески.

Можете да прочитате

Петрова: Нема ретроактивно оданочување – 24info.mk

Дизел горивата поскапуваат за половина денар

Влада: Не знаеме кого Трендафилов чекал во празна сала