
Воениот советник на иранскиот ајатолах, Мохсен Резаи изјави дека преговорите помеѓу Иран и САД се во застој и оти американскиот претседател Доналд Трамп може да ги откочи.
– Преговорите се во застој и господинот Трамп мора да го прекине застојот. Топката е во дворот на Трамп, истакна Резаи интервју за Си-ен-ен.
Тој посочи дека евентуален мировен договор помеѓу Техеран и Вашингтон зависи од тоа дали САД ќе ги ослободат 24 милијарди долари замрзнат ирански имот.
Иран бара ослободување на 12 милијарди долари замрзнати средства веднаш по потпишувањето на привремен договор, а дополнителни 12 милијарди долари во подоцнежна фаза.
– Ако тој сака да постигне договор со Иран, овие 24 милијарди долари се тест за довербата што Иран сака да ја воспостави со Трамп. Тоа е тест што Америка мора да го положи, по што ќе се отвори патот. Тоа се наши пари, а не американски пари, наведе Резаи.
Тој предупреди и дека ако САД го продолжат судирот, Иран „ќе ја прошири војната“ од Ормуска Теснина до Индиски Океан, теснината Баб ел Мандеб, Црвено Море и Медитеранот.
– Ќе ѝ дадеме на војната друга димензија со напаѓање на други американски бази, покрај оние што веќе ги нападнавме, истакна Резаи, додавајќи дека сепак, е „мала можноста за војна“.
Тој повтори дека Иран и Оман го имаат суверенитетот врз Ормуска Теснина.
Резаи како припадник на Револуционерната гарда се борел во Иранско-ирачката војна и ја предводел ИРГЦ од 1981 до 1997 година. Тој подоцна се приклучил на Советот за претпазливост, кој го советува врховниот лидер, и бил потпретседател во владата на поранешниот претседател Ебрахим Раиси.
Тој и четирипати неуспешно се кандидираше за претседател на Иран.


