
Рекордни 1,1 тон синтетичка дрога, чија улична вредност може да достигне дури 33 милиони евра, запленија властите во Босна и Херцеговина во голема полициска операција во близина на Сараево.

Станува збор за најголемата заплена на синтетички наркотици во историјата на БиХ. Во акцијата досега е уапсено едно лице, а претресите на повеќе локации продолжуваат.
Операцијата под кодно име „Буре“ била спроведена на 16 и 17 септември на подрачјето на општина Илијаш, во Кантонот Сараево.
Граничната полиција на БиХ и Управата за индиректно оданочување, со помош на полицијата на Кантонот Сараево, откриле вкупно 1.095 килограми, односно приближно 1,1 тон синтетички наркотици.
Станува збор за синтетички катинон – опасен стимуланс кој се користи како замена за кокаин и екстази.
Според проценките на Граничната полиција, запленетата дрога има пазарна вредност од околу пет милиони евра. Но, доколку завршела на улица и била продавана во поединечни количини, нејзината вредност би била многукратно поголема.
Синтетичките стимуланси од овој тип на уличниот пазар во БиХ и регионот се продаваат по цена од околу 20 до 30 евра за грам. Според таа пресметка, вкупната улична вредност на запленетата количина се проценува меѓу 25 и 33 милиони евра.
За време на операцијата полицијата запленила и предмети кои би можеле да бидат поврзани со производство на синтетички дроги.
Меѓу нив се специјални заштитни маски за целото лице со напредни филтри и системи за довод на воздух, какви што се користат како заштита при хемиска синтеза и производство на нелегални супстанции.
Запленети се и огнено оружје, мобилни телефони, печати и деловна документација на правни лица.
Акцијата се спроведува под надзор на Обвинителството на Босна и Херцеговина и по наредба на Судот на БиХ, а целта е целосно документирање на сомненијата за неовластен промет со опојни дроги.

Едно лице е лишено од слобода, но истрагата не завршува тука. Претресите на повеќе локации продолжуваат, а надлежните најавуваат натамошна работа на случајот.

