Утрински Весник
Спорт

Реакција на Брегалница: До кога судиите ќе грешат, а клубовите ќе страдаат?

Реакција на Брегалница: До кога судиите ќе грешат, а клубовите ќе страдаат?

Судиската комисија при Фудбалската федерација на Македонија, во својата денешна анализа, го потврди сето тоа што беше очигледно за сите присутни на Градскиот стадион во Штип на натпреварот од 9. коло во Првата македонска фудбалска лига меѓу Брегалница и Работнички. Брегалница со судиските грешки на главниот судија Александар Грујоски од Кичево и неговите помошници, значително е оштетена на натпреварот со Работнички кој, на крај заврши со победа а почна со неправедно досуден непостоечки пенал за гостите.

dobivaj vesti na viber

„ПОГРЕШНА ПРОЦЕНКА И СОРАБОТКА НА ГЛАВНИОТ И ВТОРИОТ ПОМОШЕН СУДИЈА СО ДОСУДУВАЊЕ УДАР ОД 11 МЕТРИ. Центрирана топка во шеснаесетникот на домаќините, играч од нападот на гостите со глава ја удри топката кон голот на домаќините, удрената топка од напаѓачот удира во главата на одбранбениот играч од домаќините и се одбива во рака на соиграч која е во природна положба. Погрешна одлука на главниот судија што досуди удар од 11 метри. Во оваа ситуација вториот помошен судија му дава на главниот судија погрешна информација, т.е. да се досуди удар од 11 метри за игра со рака“ – се вели во оценката од Судиската комисија на ФФМ.

 

Но, вистинското прашање е што добива Брегалница, па и македонскиот фудбал, со постојаното признавање на судиските грешки од страна на ФФМ!? Што добива клубот со признанието дека во саботата беше досуден непостоечки пенал при резултат 0-0, кој значително го промени текот на натпреварот, и на крајот крајниот исход!?

ФК Брегалница, како клуб, изминативе две сезони во прволигашкото натпреваруње, па и претходно, како последна своја опција ја практикува прозивката на судиите и нивните грешки, затоа што знаеме дека сето тоа е дел од фудбалската игра. Но, се поочигледните и позачестени грешки на штета на клубот, неизбежно ја наметнуваат дебатата за тенденциозност на истите во ситуација во која е очигледен неизрамнетиот критериум на судиите.

Оваа сезона Брегалница, во само девет одиграни кола, е оштетена во неколку наврати, па некако се наметнува констатацијата дека не само што игра против противниците на терен, туку мора постојано да игра и против судиите кои и од саботниот натпревар со Работнички е јасно дека немаат воопшто ист критериум кога се суди за и против Брегалница.

Очигледно е дека судењето е најслабата „алка“ во моментов во македонскиот фудбал. А, судењето е и тоа како важен елемент од играта во желбата за напредок на клупскиот фудбал. Секое натпреварувачко коло од ФФМ ги потврдуваат судиските грешки, и повторно, без решение за истите, само со постојано едноставно оправдување дека „секој жив човек греши“.

А, притоа никој не сака да го наметне прашањето што тие грешки значат за клубовите и македонски фудбал. Кој ќе ги оправда инвестициите во фудбалот од и онака се помалиот број домашни стопанственици желни за вложување во најважната споредна работа во светот!? Се прашува ли некој што значи ваквиот однос кон клубовите кои вложуваат во фудбалот? Сака ли некој конечно да се стави точка на сето ова? Затоа што јасно е дека фудбалот не се игра за судиите кои секое коло се во центарот на вниманието, туку за играчите и публиката.

До каде ќе оди македонскиот фудбал на овој начин? До кога судиите ќе грешат а клубовите ќе страдаат!?

Можете да прочитате

Зидан и Баерн се пред крај со преговорите за отпочнување на четиригодишна соработка

Над три милиони луѓе во салите ги следеа натпреварите од регуларниот дел од Евролигата

Италија го обезбеди петтото место во Лигата на шампионите