
Поранешниот министер за финансии Кирил Миноски во нова објава на Фејсбук укажува дека македонската економија бележи статистички раст, но без вистински развој кој го подобрува животниот стандард на граѓаните. Тој поставува клучно прашање – од каде доаѓа растот на БДП и зошто тој не се чувствува во секојдневието?

Според Миноски, најголем дел од растот е резултат на зголемена потрошувачка преку кредити, повисоки примања во јавниот сектор и дознаки од странство. Дополнителен импулс дава градежништвото – станови, патишта и инфраструктурни проекти кои сами по себе носат 1–2% раст, но без долгорочна развојна вредност. Значаен дел доаѓа и од извозот во технолошко-индустриските зони, каде додадената вредност е ниска и не создава стабилни бази за повисок стандард.
„Инфлацијата го крева номиналниот БДП, но не и реалноста. Трошиме туѓи пари и кредити, а не произведуваме повеќе,“ пишува Миноски, додавајќи дека градежниот бум ја напумпува статистиката, додека економијата останува без суштински развој.
Тој предупредува дека Македонија се соочува со раст без развој – модел кој создава илузија на економски напредок, но не носи подобар живот за граѓаните.
Миноски посочува дека вистинскиот, одржлив раст може да се постигне само преку продуктивни инвестиции, повисока ефикасност, иновации, извоз со поголема додадена вредност и креирање поквалитетни работни места. Само таквиот раст, нагласува тој, може да донесе повисоки плати, подобар животен стандард и стабилна економска перспектива.



