ЦО на СДСМ оцени дека е добро што на средбата со опозициската ВМРО-ДПМНЕ е воспоставен дијалог во исклучително важен момент за иднината на државата, истакна по седницата на ЦО на СДСМ, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„СДСМ уште еднаш покажа државнички капацитет и понуди рака за отворен дијалог. Пред земјата и граѓаните е историска шанса за продолжување на историскиот пат и воспоставениот дијалог може да придонесе кон носење одлуки за европската иднина на земјата и доброто на граѓаните. Остварувањето на генерацискиот сон е во рацете на политичките партии“, рече таа.
„Го поздравуваме првиот чекор што го направи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ со прифаќањето на уставните измени. ЦО на СДСМ оценува дека сето ова е добра основа за продолжување на дијалогот со сите парламентарни политички партии. Врз основа на заклучоците, ЦО на СДСМ, донесе одлука за формирање на работна група за продолжување на разговорите со ВМРО-ДПМНЕ и сите други парламентарни политички партии за операционализација на следните конкретни чекори. Работната група ќе ја предводи генералниот секретар на партијата Миле Зечевиќ“, информира Кузеска.
ЦО, додаде таа, му дава апсолутна поддршка на претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски и работната група да продолжат со напорите за обезбедување широк консензус за уставните измени, а со тоа и продолжување на европскиот пат на земјата.