Утрински Весник
Македонија

„Пуштете го, ние ќе му пресудиме!“ – хаос во судница за трагедијата во Кочани

Screenshot 12 1.jpg

На денешното судско рочиште за трагичниот пожар во дискотеката Пулс во Кочани, атмосферата беше исполнета со силен гнев, болка и револт од семејствата на загинатите.

Родителите бурно реагираа откако одбраната на сопственикот Дејан Јованов – Деко побара да му биде укината мерката притвор поради влошена здравствена состојба.


Во судницата одекнуваа извици „Срамота!“ и „Пуштете го, ние ќе му пресудиме!“, додека присутните видливо не можеа да ја сокријат огорченоста. Поради тензиите, дел од адвокатите побарале исклучување на јавноста, но судијката само издала предупредување до присутните.

Дополнителен револт предизвикале и наводите на одбраната дека според обдукциски протоколи од Институтот за судска медицина, кај дел од жртвите имало присуство на алкохол и психоактивни супстанци.

Семејствата на настраданите веднаш ги демантираа ваквите тврдења, посочувајќи дека до овој момент не им биле доставени такви податоци, ниту пак тие биле презентирани како официјален доказ во постапката.

Александар Наунов, татко на починатата Надица Наунова, изјави дека изнесувањето вакви тврдења без официјални докази е недозволиво и претставува дополнително навредување и продлабочување на болката на семејствата.

Според досега познатите информации, најголем дел од жртвите во трагедијата починале од насилна смрт како последица на задушување и труење со јаглерод моноксид.

Додека одбраната продолжува да инсистира на куќен притвор за првообвинетиот, семејствата остануваат цврсти во барањето за правда, целосна одговорност и казна за сите виновни за една од најтешките трагедии што ја потресе Македонија.

Можете да прочитате

Кривична пријава за штипјанец кој пљачкал куќи

Без дозвола, со забрана и пијан зад волан – 10 возачи приведени

Тошковски: 14 лица повикани на разговор за хоророт во Ѓорче Петров, меѓу нив и родители