Утрински Весник
Економија

Битиќи: Граѓаните се соочуваат со раст на цените и инфлацијата

Fatmir bitiki 11.jpeg

Пратениот на СДСМ, Фатмир Битиќи, во гостување во емисијата „24 анализа” остро ја критикуваше економската состојба во државата, наведувајќи дека официјалните бројки покажуваат раст на инфлацијата, зголемени цени и зголемена потрошувачка кошничка, како и зголемен јавен долг и буџетски дефицит. Тој истакна дека за разлика од тврдењата на власта за подобрување на животниот стандард, реалноста е поинаква.

„Јас обично ги гледам бројките. Можеме да зборуваме како е кај другите, дали имаме пониски цени на гориво, дали се живее поубаво, дали сме четврта економија во Европа, но во овој момент во Македонија бројките не покажуваат така”, рече Битиќи.


Тој посочи дека инфлацијата е зголемена и дека граѓаните директно го чувствуваат тоа преку повисоки цени на основните производи. Во март се бележат значителни годишни зголемувања: овошје 16,3%, безалкохолни пијалаци 10,7%, месо 7,9%, млеко, сирење и јајца 4,2%, додека кафе бележи зголемување од околу 25%. А наспроти сето ова, минимална плата не е зголемена и граѓаните тонат во сиромаштија.

„Вкупната инфлација е 4,9%, односно 5% во месец март, и вие ми кажувате дека граѓаните не треба да се грижат и дека ќе живеат подобро”, потенцираше Битиќи.

Тој се осврна и на состојбата со јавните финансии, наведувајќи дека, според податоците од фискалниот бројчаник на Министерството за финансии, приходната и расходната страна покажуваат зголемен притисок врз буџетот.

„Заклучно со 25 април, дефицитот изнесува околу 30 милијарди денари, додека заклучно со март бил околу 28 милијарди денари”, рече Битиќи, додавајќи дека трендот на зголемување на дефицитот продолжува.

Тој посочи и дека јавниот долг останува на високо ниво, околу 60%, како и дека задолжувањето продолжува преку нови обврзници и нови кредити.

Како пример, Битиќи го спомена и проектот „Бехтел и Енка”, за кој рече дека бил изваден од буџетот и префрлен на ЈПДП поради недостиг на средства, како и најавените дополнителни задолжувања за негова реализација.

„Знак дека состојбите не се идеални е и преговарањето за билатерален договор со држава надвор од ЕУ, со очекување на задолжување од една до две милијарди евра”, истакна тој.

Битиќи потенцираше дека реалните фискални податоци и трендовите покажуваат дека економската состојба не е стабилна, а јавните финансии се под зголемен притисок, што, како што рече, директно се одразува врз животниот стандард на граѓаните.

Можете да прочитате

ИСОС ја најавува третата регионална конференција посветена на иднината на сметководствената професија

МФ: 2,9 милиони евра нова транша од Буџетот за поддршка на домашните компании

Левица: Поради амандманите власта го проби рокот за носење на законите за минерални суровини и концесии