
Пари Сен-Жермен уште еднаш го покори европскиот фудбал. Францускиот гигант ја одбрани титулата во Лигата на шампионите, совладувајќи го Арсенал по подобро изведување на пенали со 4-3, откако регуларниот дел и продолженијата на финалето во Будимпешта завршија без победник – 1-1.
На преполната арена „Ференц Пушкаш“, љубителите на фудбалот проследија финале полно со неизвесност, пресврти и драматични моменти, а на крајот се радуваа навивачите на ПСЖ.
Арсенал подобро го отвори натпреварот и дојде до рано водство преку Каи Хаверц, кој во шестата минута ја затресе мрежата на Матвеј Сафонов. Германецот испиша и лична историја, станувајќи еден од ретките фудбалери кои постигнале голови во финалиња на Лигата на шампионите за два различни клуба.
Сепак, шампионскиот карактер на ПСЖ дојде до израз во второто полувреме. Францускиот состав ја презеде контролата врз играта, а наградата стигна во 64. минута кога Усман Дембеле беше сигурен од белата точка и го израмни резултатот на 1-1.
До крајот на натпреварот двете екипи имаа свои шанси за победа, но мрежите мируваа и по 120 минути игра. Одлуката падна во пенал-рулетот, каде што фудбалерите на ПСЖ покажаа повеќе смиреност и концентрација.
За францускиот тим прецизни беа Гонсало Рамос, Дезире Дуе, Ашраф Хакими и Лукас Бералдо, додека единствениот непрецизен беше Нуно Мендеш. Кај Арсенал реализираа Виктор Ѓокереш, Деклан Рајс и Габриел Мартинели, но промашувањата на Езе и Габриел се покажаа како клучни.
Со оваа победа ПСЖ ја освои својата втора европска титула и стана деветтиот клуб во историјата кој успеал да ја одбрани титулата во најелитното европско клупско натпреварување. Францускиот шампион им се придружи на великаните како Реал Мадрид, Бенфика, Интер, Ајакс, Баерн Минхен, Ливерпул, Нотингем Форест и Милан.
За Арсенал, пак, останува разочарувањето од уште едно загубено финале. Лондонскиот клуб и натаму останува без трофеј во Лигата на шампионите, иако е меѓу екипите со најмногу одиграни натпревари во историјата на натпреварувањето.
Будимпешта вечерва беше сведок на уште едно историско поглавје во европскиот фудбал – вечер кога ПСЖ потврди дека е новата голема сила на Стариот континент.

