Утрински Весник
Балкан

Протест на еколошки здруженија пред Уставниот суд во Белград поради проектот „Јадар“ за литиум 

20240711112434 Big 730x400 40.webp.webp

Неколку еколошки организации кои се противат на отворањето рудник за литиум во долината Јадар во западна Србија се собраа денеска на протест пред Уставниот суд во Белград, по повод судската седница за разгледување на иницијативата на компанијата „Рио Сава“ за оценка на уставноста на одлуката на Владата на Србија, со која пред две и пол години беше стопиран проектот за експлоатација и преработка на минералот јадарит „Јадар“, јави дописникот на МИА од Белград.

На протест повика здружението „Не го даваме Јадар“, кое го сочинуваат жители на Горње Недељице и околните места кај Лозница, каде е планирано отворање на рудникот. Златко Кокановиќ од здружението „Не го даваме Јадар“ на насобраните им порача дека ќе побараат прием во судот за да ги прашаат дали за денеска е закажана седница на кој ќе се одлучува за проектот Јадар, дали е покрената некаква иницијатива, кој ја поднел и до каде е пристигната.

Активистите поднесоа барање до судот да ги добијат и сите иницијативи на компанијата „Рио Сава“ и иницијативите поврзани со уредбата со која беше стопиран проектот „Јадар“. Насобраните кои чекаа да бидат примени во судот за да дознаат дали седницата на Уставниот суд се одржува денеска од портирот им било соопштено дека никој нема да ги прими, по што порачаа дека протестот продолжува се додека не ги добијат информациите.

Пред Уставниот суд насобрани се неколку стотици граѓани кои извикуваа „Рио Тинто нема да копа“, а им се приклучија опозициските политичари Александар Јовановиќ Чута од Еколошкото востание и Зоран Лутовац и Срѓан Миливојевиќ од Демократската партија(ДС).

Пред повеќе од две години, Владата на Србија, на чело со тогашната премеирка Ана Брнабиќ, го стопираше проектот по масовните протести и ги откажа лиценците на австралискиот рударски гигант „Рио Тинто“. Но, на 22 јуни 2024 година, Брнабиќ изјави дека би било „ненормално“ доколку Србија се откаже од ископувањето на литиум и дека земјата има строги и високи стандарди за заштита на животната средина.

Српскиот претседател Александар Вучиќ истакна дека рудникот би можел да биде отворен во 2028 година.

Мултинационалната компанија „Рио Тинто“ имаше намера да отвори рудник за литиум во долината на реката Јадар во западна Србија. Таму во 2004 година оваа компанија ја откри рудата „јадарит“ – комбинација од литиум и бор, а резервите на овој метал на светскиот пазар во Србија се проценуваат на над 158 милиони тони.

Можете да прочитате

Вучиќ: Нема да паднеме на провокации, нема да војуваме против Бошњаците

Грција нема да испрати во Украина Ф-16 или противракетни системи

Голем антивладин протест во Тирана, фрлани молотови коктели врз владата и градскто собрание