Утрински Весник
Економија

Промовирана нова платформа за дигитално управување со земјоделско производство

20260521143847 big 730x400 92.webp.webp

Ново интегрирано дигитално решение за следливост на свежо овошје и зеленчук од парцела до финален купувач беше презентирано денеска од страна на ИНОФЕИТ – ЕДИХ и Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ.

Директорот на ИНОФЕИТ – ЕДИХ, професор д-р Димитар Ташковски објасни дека дигиталното управување со земјоделското производство овозможува ефикасно следење и организација на клучните активности поврзани со бербата, испораката, складирањето, откупот, извештаите и анализата на податоците.


„Во ИНОФЕИТ – ЕДИХ сме посветени на поддршка на малите и средни компании во процесот на дигитална трансформација преку развој на практични и применливи решенија. Особено сме горди кога ваквите решенија имаат потенцијал да ги користат поголем број компании, бидејќи на тој начин се зголемува нивното влијание, се поттикнува соработката и се создава поширок позитивен ефект врз целиот екосистем“, вели Ташковски.

AgroPath како дигитално решение е наменето за мали и средни земјоделски производители – производители на зеленчук, овошје, како и задруги и откупувачи. Ташковски објаснува дека станува збор за дигитална платформа за следливост и обезбедување квалитет во извозот на свежо овошје и зеленчук за компаниите.

„Решението овозможува следење на производите низ целиот производствен и извозен синџир, преку евиденција на податоци за производството, сертификација, контрола на квалитет и дигитална валидација на извозните пратки. На овој начин, купувачите добиваат брз пристап до проверени информации, што придонесува за поголема доверба, поедноставени процеси за сертификација и подобрена позиција на извозниците“, завршува директорот на ИНОФЕИТ – ЕДИХ.

Интегрираното решение е изработено за потребите на Здружението на производители и трговци на свежо овошје и зеленчук – МАКФРЕШ. Според претседателот на здружението, Крсте Витанов, оваа алатка значително помага во надминување на реалните секојдневни потешкотии со кои производителите се соочуваат при управување со производството. „AgroPath ни овозможува да го дигитализираме секој чекор од процесот – од берба до испорака. Благодарение на платформата имаме јасна евиденција, целосна следливост и сигурност дека нашите пратки се усогласени со барањата на купувачите. Ова ја зголемува довербата и ни отвора врати кон нови меѓународни пазари.“, потенцира Витанов. Во моментов, веќе три компании-членки на МАКФРЕШ се во процес на имплементација на дигиталното решение, кое специфично се прилагодува на потребите на секој производител, а постои голем интерес за негова примена и кај останатите членови на МАКФРЕШ.

Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ континуирано работи на поддршка на дигитализацијата и дигиталната трансформација на земјоделско-прехранбениот сектор, со цел јакнење на конкурентноста на компаниите и одржливи системски промени во секторот. „Во таа насока, во директно партнерство со ИНОФЕИТ – ЕДИХ и МАКФРЕШ креиравме платформа која им овозможува на компаниите да обезбедат целосна контрола на движењето на производите. Ова решение ја зголемува транспарентноста, ја подобрува довербата помеѓу производителите и откупувачите и ја олеснува усогласеноста со меѓународните норми и стандарди, како клучни предуслови за развој на конкурентно снабдување на глобалните малопродажни синџири.“, истакна Горан Дамовски, директор на Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ.

Замислена како модуларна и со можност за проширување, платформата е погодна за различни извозни пазари и ланци, со потенцијал за идни надградби како аналитика, аларми и интеграција со системи за планирање на ресурсите на претпријатијата (ERP). Решението ќе се надградува и проширува за различни култури, сорти и дополнителни потреби, со цел да креира долгорочна вредност и да ја зголеми конкурентноста на целиот сектор.

Можете да прочитате

Битиќи: Владата ја задолжува државата без план каде ќе завршат парите

Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција достигнува портфолио од 1,7 милијарди евра

Mожно е каматите да растат ако има натамошни инфлациски притисоци