Утрински Весник
Култура

Промоција на романот „Засолниште во времето“

Промоција на романот „Засолниште во времето“

На 1 декември во киното Фросина во МКЦ од 21 часот ќе се одржи промоција на романот „Засолниште во времето“ со гостување на авторот, прославениот бугарски писател, Георги Господинов.

dobivaj vesti na viber

Романот од бугарски на македонски го преведе Душко Крстевски. Објавувањето на романот и промоцијата се дел од проектот „Европска литература: зачувување на солидарноста во заканувачки контексти“.

Модератор на промоцијата ќе биде Дарин Ангеловски а промоторки на романот Оливера Ќорвезироска и Калина Малеска.

Во својот роман „Засолниште во времето“, бугарскиот автор го претставува светот во којшто луѓето го бараат засолништето во минатото. Она што првично било замислено како терапија за луѓето со алцхајмер и деменција, станува дистопија: во секоја европска земја се одржува референдум за изборот на деценијата во која би сакале да се вратат.

„Моќен и брилијантен роман: јасен, претчувствителен, енигматичен. Роман во кој иднината попушта како скапана греда, а минатото надоаѓа како поплава“. (Сандро Веронези,, двоен добитник на Премио Стрега)

„Бугарскиот романсиер напишал екстравагантен роман, сочинет од варијации на темите на минатото, сеќавањето и заборавот. Маестрално“. (Ле Фигаро)

„Георги Господинов е единствен во многу работи…Никој не може да ги спои интригантниот концепт, прекрасната фантазија и совршената техника на пишување како што тоа го прави тој“. (Олга Токарчук, Нобеловка)

„Роман со стотици приказни во себе. Роман на еден континент и во десеттина земји, стотици градови и со илјадници луѓе. Милиони приказни им се случиле, или не“. (Литературен гид)

Георги Господинов (1968) е поет, романсиер и сценарист. Тој е најпреведуваниот бугарски современ писател, чии книги досега се преведени на повеќе од дваесетина јазици.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“