Утрински Весник
Македонија

Промоција на колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“ во Задар

Promocija zadar.jpg

Деновиве во Задар, Хрватска се одржа првата промоција на колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“ од авторите од Институтот за македонска литература и од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје: Славчо Ковилоски, Весна Мојсова-Чепишевска, Иван Антоновски, Билјана Рајчинова-Николова, Славица Пет­ров­ска-Ѓорѓевска, Марина Цветаноска, Ема Лакинска, Трај­че Стамески и Бранко Тошовиќ. Монографијата е во издание на Комисијата за стилистика при Меѓународниот славистички комитет (Грац), а е во редакција на Славчо Ковилоски и Бранко Тошовиќ. На промоцијата се обратија двајцата редактори (Тошовиќ и Ковилоски, кој одржа и предавање за македонската книжевност) и Марина Цветаноска.

За македонската книжевност и култура воопшто, значајно е излагањето на редакторот и авторот Бранко Тошовиќ, професор на Универзитетот во Грац, кој потенцираше дека во серијата „Словенска стилистика“: „првиот авторски тим што успеа да го заврши овој потфат е маке­дон­ски, што со големо задоволство го посочувам. Во текот на една година ин­те­нзивна работа ги проучуваше и ги осмисли основните насоки на раз­во­јот на македонската книжевна метастилистика и метапоетика и ги презентира во публикацијата“.


Исто така, тој истакна дека „презентирањето и популаризацијата на македонски стилистички и пое­тички истражувања во светот, особено во словенскиот регион и поранешна Југославија ќе биде олеснето со фактот (1) дека оваа мо­нографија е објавена надвор од Македонија ‒ во Австрија, (2) дека е от­пе­чатена во научна серија на една од комисиите на Меѓународниот сла­вис­тич­ки комитет, (3) дека е опремена со резиме и содржина на англиски, на  германски и на руски јазик, со предметен индекс и индекс на имиња и со ли­тература по секоја статија и интегрална библиографија на крајот од ана­ли­тичкиот дел од книгата, (4) дека ќе биде претставена на научни собири во повеќе земји“.

Треба да се има предвид дека ова издание е прво од ваков вид во македонската литература. Овој пионерски потфат, во извесна ме­ра би можел да послужи и како своевидна историја на македонската кни­жев­ност, со оглед на тоа што во него е опфатена целокупната македонска литература, почнувајќи од раниот среден век па сѐ до денес.

Во текот на следниот период, најавени се промоциите на изданието во Париз, Мадрид и Бања Лука, а се работи на договори за промоции и во Загреб, Риека, Белград, Љубљана, Букурешт, Братислава и други македонистички и славистички центри. На почетокот на летото е планирано да се одржи и првата од неколкуте македонски промоции.

Можете да прочитате

Приведен возач на автобус, управувал без возачка дозвола

ОJO со детали за физичката пресметка пред угостителски објект во Скопје, покрената истражна постапка

Маж од гостиварско ја следел поранешната девојка и преку лажни профили и упатувал закани