Утрински Весник
Култура

Промоција на книгата „Чаша чај од смртен грев“ од Верица Ацеска

Промоција на книгата „Чаша чај од смртен грев“ од Верица Ацеска

Промоцијата на третата книга на писателката Верица Ацеска „Чаша чај од смртен грев“ ќе биде организиарана вечерва во 20 часот во Младинскиот културен центар (Галерија) во Скопје. Оваа книга доаѓа по одличните „19.“ и „Паралел“, двете објавени од „Прозарт медиа“.

dobivaj vesti na viber

На настанот ќе говорат/читаат проф. д-р Ана Стојаноска и Стеван Ацески.

„Психолошкиот реализам, или поточно, книгите со комплексно напишани карактери и сериозно конструирани приказни се реткост во нашата книжевна практика. Особено ако се фокусирани да ја истражат човековата природа во детските светови, во возрасните, остварени личности или, пак, во обременетата од животни искуства лична визија за светот и животот во него. Прецизните психолошки карактеризации, заводливите текови на заплетите и притоа лесната читливост што ве тера да ја „издолжите“ книгата за уште некое поглавје повеќе, се главната карактеристика на третата прозна книга на Верица Ацеска. Влезе ненаметливо на нашата книжевна сцена со „женската“, разговорлива новела насловена „19“, си го освои местото со „Паралел“ (неверојатно зборопривлечна за консумирање, во која ликовите најобјективно нѐ соочуваат со сопствената реалност, низ принципите на филмската наративност) и сега се потврдува како сериозна писателка со „Чаша чај од смртен грев“.

„Чаша чај од смртен грев“ е комплексен и истовремено едноставно напишан роман, во кој авторката, онака како што им успева само на малкумина, мошне лесно ја води приказната од една наративна точка до друга, притоа „заведувајќи“ нѐ нас читателите со леснотијата на читањето на една исклучително тешка тема поврзана со децата, детството, саканите и несаканите деца, малтретираните деца, децата чие детство не им помага во светот кога ќе пораснат и остарат, ниту им го менува животот токму поради тие детски трауми. Колку и да ве заведува лесното читање, оваа книга е сѐ само не лесна. Авторката, на рамниште на одличен познавач на човековата природа нѐ води низ сериозните, клучните животни процеси на неколкуте главни ликови, сите централно поставени околу ликот на Тања, младата жена, професорка по физика, што на почетокот на книгата ја запознаваме и преку нејзината најрана младост, првата љубов и истовремено случените настани, но и оние потенцијалните, никогаш не реализирани. Од првата до последната средба со Тања, ние како читатели, нејзиниот лик го гледаме јасно пред нас, што е исклучителна одлика на авторката и дури и не сакаме така да заврши нејзината сторија. Наспроти комплексниот заплет поврзан со најинтимната семејна тема – станувањето родител, авторката ни презентира дијапазон на одлично креирани ликови, посебно за мене е ликот на Велко.

Повторно, ставајќи ги ликовите во контекст, Верица Ацеска, како и во претходните свои книги, останува доследна на тоа дека секој од нас има причина за своето однесување и дека таа причина е најчесто во нашето детство. Поточно во некоја од траумите на нашето детство. Сите ликови ни се блиски, посебни, човечни и истовремено богати и комплексни. Тоа е можеби главната одлика на пишувањето на Верица Ацеска – на едноставен начин, најчесто не многу обемно (по број на страници), да ги пренесе неверојатно комплексните човекови судбини.

Издавањето на книгата е поддржано од Министерството за култура.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“