Утрински Весник
Култура

Промоција на хрватскиот превод на „Детелинки белинки“ пред семинаристите на Летната школа на МСМЈЛК при УКИМ

Промоција на хрватскиот превод на „Детелинки белинки“ пред семинаристите на Летната школа на МСМЈЛК при УКИМ

Денес, во рамките на 56. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) ќе биде промовиран хрватскиот превод на книгата со македонски авторски сказни „Детелинки белинки“, кој во Хрватска беше објавен по повод јубилејот 15 години Лекторат по македонски јазик на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Риека. Промоцијата ќе се одржи во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид, со почеток во 19 часот, а промотори на изданието ќе бидат проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска и м-р Биљана Стојановска. На настанот, за искуството од работата при преведувањето на оваа книга од македонски на хрватски ќе зборуваат Ана Братовиќ и Маргарета Чанжар, студентки по македонистика од Риека и учеснички на Школата.

dobivaj vesti na viber

Изданието во кое текстовите од шеснаесетте македонски приказни – сказни се објавени и во оригинал на македонски и во превод на хрватски јазик е резултат на заеднички потфат на м-р Биљана Стојановска, која е актуелна лекторка по македонски јазик во Риека и на нејзините студенти по македонистика од Отсекот за преведување, кои ги преведоа текстовите. Поконкретно, станува збор за превод на истоимениот избор објавен на македонски јазик од издавачката куќа „Арс Ламина“ – редакција „Либи“, а неговото објавување во Хрватска се надоврза на зголемиот интерес за македонската книжевност за деца во странските културни центри во изминатиот период. Книгата по нејзиното прво промовирање во рамките на чествувањето на 15-годишнината на Лекторатот по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Риека веќе предизвикува дополнителен интересот за македонската книжевност за деца во Хрватска, вклучително и од страна на стручната јавност.

Хрватскиот превод на „Детелинки белинки“ е еден од примерите како во соработка меѓу лекторот по македонски јазик и студентите на странските универзитети, знаењата од областа на македонистиката може да се насочуваат кон проекти кои ги афирмират македонскиот јазик, литература и култура и пошироко, во и надвор од академката средина, и оттука се очекува дека денешната промоција ќе биде поттик и за дел од семинаристите да се зафатат со вакви или слични потфати.

Уште во далечната 1948 година, Блаже Конески констатира: „Нашиот јазик се кове најмногу во ковачницата на преведувањето“. А за да го ковеме и исковеме потребни се посветени македонисти, суптилни проучувачи и познавачи на македонскиот јазик, литература и култура, вљубеници во македонскиот збор, добри, сериозни преведувачи. Токму таква ковачница е и ова издание, како што беше нагласено и при неговото претставување во Риека. И на оваа Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ, учествуваат такви македонисти, меѓу кои има и проучувачи на македонскиот збор и сериозни преведувачи, и тоа од разни страни на светот.

Инаку, покрај Ана Братовиќ и Маргарета Чанжар кои на промоцијата на Летната школа ќе ги споделат своите искуства, автори на преводите објавени во изданието се и студентките: Анамарија Гојевиќ, Ивана Јовановиќ, Луција Тогонал, Марија Кунчиќ, Наталија Милковиќ, Нина Дојчиновиќ, Нина Меданиќ и Тихана Тадеј.

Летната школа на МСМЈЛК при УКИМ се приближува кон својата завршница, со веќе видливи резултати за кои говорат и импресиите на семинаристите од 18 држави. До крајот на Школата ќе се одржи и промоција на значајното издание „Шопов на 11 јазици“, а на 1 септември ќе започне јубилејната, 50. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“