Утрински Весник
Свет

Прогласена вонредна состојба во Чиле поради шумските пожари

20240203091003 Big 730x400 56.webp.webp

Во Чиле е прогласена вонредна состојба поради шумските пожари кои ги зафатија областите во земјата кои вообичаено ги посетуваат туристи. Гори во одморалиштето Виња дел Мар во централниот дел на Чиле, на брегот на Пацификот, во регионот Валпараисо. Стотици згради се загрозени, а нивните станари се евакуирани.

Од вчера, пожарникарите се борат за да ги стават под контрола десетици пожари во регионите Валпараисо и О’Хигинс, во централниот дел на земјата, како и во регионите Мауле, Арауканија, Лос Лагос и Биобио, на југот на Чиле.

Според првичните информации, загинале 10 лица, изјави Софија Гонзалес Кортес, претставник на властите на регионот Валпараисо.

Претседателот на Чиле, Габриел Бориќ, најави дека ќе издаде наредба за употреба на сите потребни средства против пожарите.

Само во областа Валпараисо, пожарот проголта повеќе од 7.000 хектари шума.

Снимките направени од возачи кои патуваат по познатата рута 68 покажуваат планини зафатени од пламен долж сообраќајницата, која ја користат илјадници туристи за да стигнат до плажите на Чиле.

Во градовите Естрела и Навидад, на околу 200 километри југозападно од главниот град Сантијаго, пожарите уништија речиси 30 куќи.

Од средата температурите во централниот дел на Чиле и во главниот град Сантијаго достигнаа 40 степени, што ја отежнува борбата со пожарите.

Поради слабата видливост предизвикана од димот, властите наредија запирање на сообраќајот на рутата 68, која го поврзува Сантијаго со Валпараисо, а исто така води и до винскиот регион Казабланка и одморалиштето Виња дел Мар.

Горештините во Чиле се резултат на климатскиот феномен Ел Нињо, кој ги зафаќа јужните делови на Латинска Америка во летниот период, предизвикувајќи пожари дополнително засилени со глобалното затоплување. Топлотен бран веќе ја погоди и Колумбија, а во наредните денови се очекува да ги зафати и Аргентина, Парагвај и Бразил.

Можете да прочитате

Зеленски верува дека војната ќе заврши во 2025 година

Путин потпиша закон за отпис на кредитни долгови за учесниците во специјалната воена операција

33.000 домаќинства во Франција останаа без струја поради невреме