Утрински Весник
Балкан

Профитната маржа не смее да биде над 12 центи по литар гориво на бензинските пумпи во Грција

Gorivo1.jpg

Надлежните грчки министри истакнаа дека профитната маржа не смее да надмине пет центи по литар гориво во големопродажбата и 12 центи на бензинските пумпи во Грција, додека пак маржата на бруто профит по артикл во грчките супермаркети нема да може да го надмине просекот од 2025 година. Оваа одлука е по најавата на премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис за воведување плафон, односно максимална дозволена граница на профитната маржа како на горивата, така и на производите во супермаркетите, јави дописничката на МИА од Атина.

Мерките се очекува уште вечерва да бидат објавени во Службен весник на Грција и веднаш да стапат во сила, а ќе важат до 30 јуни годинава.


Заменик-претседателот на Владата Костис Хаѕидакис рече дека не постои никаков проблем со снабденоста на сите нивоа, особено во врска со енергијата, порача дека приоритет е справување со профитерството, дека ќе ги искористат сите оружја што ги имаат на располагање и нема да се толерираат никакви отстапки, а мерките се однесуваат на прехранбената индустрија, трговијата на големо, супермаркетите и компании кои дистрибуираат гориво и бензинските пумпи.

Министерот за животна средина и енергетика Ставрос Папаставру посочи дека „превентивните интервенции за горивата се за спречување на појави на профитерство на грб на граѓаните“.

Објасни дека компаниите што ги снабдуваат бензинските пумпи ќе биде забрането да имаат профитна маржа на бензинот и дизелот над пет центи за литар, додека пак бензинските пумпи нема да смеат да надминат 12 центи на литар на крајната цена за потрошувачите, а паралелно ќе постои посебна регулатива за островите.

Дополнително нагласи дека земјата располага со зголемена енергетската издржливост, а над 50 отсто од производството на електрична енергија доаѓа од обновливите извори на енергија.

Министерот за развој на Грција Такис Теодорикакос рече дека меѓународна клима на несигурност го зголемува притисокот на пазарот, соопшти дека „никој нема да може да продава основни производи (прехранбени и други продукти) со поголема бруто маржа на профит по артикл, во споредба со она што тој код го имаше во просек во 2025 година“.

Нагласи дека казните за прекршоци ќе достигнат до пет милиони евра, во зависност од големината на компанијата и големината на недозволениот профит.

Посочи дека од прв момент, односно од почетокот на војната контролите се интензивирани, особено на бензинските пумпи.

Можете да прочитате

Грција ќе воведе плафон на профитната маржа на горивата и на производите во супермаркетите

 Дачиќ излезе од болница – 24info.mk

НАТО распореди „Патриот“ системи во Турција