
Градежното вештачење за трагичниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, во кој на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а над 230 беа повредени, беше главна тема на денешното рочиште против 34-те обвинети.
Пред Судот сведочеше професорот од Градежниот факултет во Скопје, Горан Марковски, кој заедно со тим од повеќе професори го изготвил вештачењето за причините и околностите што довеле до катастрофата.
„Ова е еден од поважните докази во предметот. Ве молам зборувајте јасно и полека и секако, треба да положите заклетва пред овој Суд дека ќе ја зборувате вистината“, изјавила судијката Диана Груевска-Илиевска на почетокот на рочиштето.
Покрај Марковски, во судницата биле присутни и останатите членови на стручниот тим – Викторија Димовска-Скаричева, Душица Трпчевска-Анѓелковиќ, Маријана Лазаревска, Владимир Витанов и Слободан Огњеновиќ.
Марковски посочи дека пред неколку дена ги добиле и вештачењата на одбраната, но дека тие, според него, не откриле различни факти, туку различни толкувања на утврдените наоди.
Одговарајќи на прашање на обвинителот Дарко Јакимовски дали во објектот биле преземени мерки за спречување на пожарот и заштита на гостите, професорот рече дека такви мерки не биле пронајдени.
„За жал, не најдовме“, одговорил Марковски.
Во своето сведочење тој направи споредба со земјотресите во Хаити и Чиле, посочувајќи дека бројот на жртви често зависи од тоа дали се почитуваат стандардите и дали постои функционален систем за безбедност.
„Градежното вештачење, за жал, покажа дека во случајот ‘Пулс’ системот, односно институциите и поединците, целосно не функционирал. Не биле почитувани ниту стандардите, ниту регулативата, ниту процедурите“, рече Марковски.
Тој нагласи дека посетителите на еден објект не можат сами да проверуваат дали се исполнети условите за нивна безбедност.



