Утрински Весник
Македонија

Продолжува гасењето на пожарот кај кочанското село Пресека, пожарникарите добија поддршка од хеликоптери

Pozhar.webp.webp

Противпожарните единици од Кочани и регионот во текот на ноќта и од утрово продолжија со гасењето на шумскиот пожар што вчера го зафати атарот на кочанското село Пресека на Осоговските Планини, а се прошири и кон селото Цера во општина Македонска Каменица.

Проблем во интервенцијата е стрмниот и непристапен терен, поради што пожарникарите утрово добија и поддршка од воздух. Огненените јазици, кои со помош на ветерот достигнуваат и над 20 метри, веќе опустошија околу 150 хектари висококвалитетна борова и дабова шума, како и нискостеблести растенија.

-Се обидуваме пожарот да го ставиме под контрола, на одделни позиции успеавме, но сепак тоа сè уште не е задоволително. Се работи за два пожара, од страната на селото Цера и овој откај Пресека кои се споија во еден, но успеавме огнот од церската страна да го изгаснеме. На одредени места, пред сè долови и засеци што се искачуваат од речното корито од страната на Пресека, сè уште има сериозни жаришта. Утрово добивме поддршка и од хеликоптерите што ги координира ЦУК. Нашата единица е овде со две екипи и две противпожарни возила, а помагаат и колегите од Виница, од Македонска Каменица, од Доброволното противпожарно друштво од Кочани, вработени во шумското стопанство, како и месно население, истакна Сашо Мијалов, заменик командир на ТППЕ – Кочани.

Со интервенцијата на пожарникарите кај Пресека ноќеска била отстранета опасноста за викендичка во која престојувале луѓе. 

Пожарникарите очекуваат до крајот на денот пожарот да биде целосно локализиран и ставен под контрола, но како превентива од повторно разгорување можно е една екипа да остане и во текот на вечерта.

Можете да прочитате

Два случаи на физички напад врз малолетнички од страна на родител

За една недела 25 заболени од голема кашлица, хоспитализирани пет деца

Двајца осуденици барани со потерница вратени во затвор