
Сите прашања за сумата за прославите за 35 години од независноста поставете ги во Владата“, изјавил за БИРН Александар Климовски, директорот на Државна лотарија која го распишала огласот за низата настани, поврзани со прослава на 35 години независност.
Портпаролката на Владата, Марија Митева, инсистирала од БИРН да ѝ се пратат прашања, за кои сѐ уште не е стигнат одговор.
Јавно достапни документи откриваат дека Владата на 28 април годинава одлучила задачата за прославата да му ја додели на државното акционерско друштво.
Само два дена по таа владина седница, Лотарија распишува јавен оглас, кој, како што вели Климовски, е според Законот за спонзорство и донации и затоа го нема на системот за јавни набавки.
На 30 април се појавува:„Јавен повик за прибирање понуди за реализација на спонзорирани настани по повод прославата на 35 години од самостојноста и независноста на Република Северна Македонија“.
Огласот e објавен на веб- страницата на Лотарија и во еден дневен весник со рок од само пет работни дена да се достават понуди. Повикот содржи точно утврдени описи на настаните кои подоцна и се случија.
Па така во него се бара „А класа“ светски артист со „А класа“ продукција кој ќе има настан на отворено со гарантирана посета од најмалку 30.000 луѓе. Описот се поклопува со синоќешниот настап на диџејот Давид Гета.
Потоа се бара „интернационална светска ѕвезда од А класа“, во придружба на македонски артисти, односно настапот на оперскиот пејач Хозе Карерас, заедно со македонски музички ѕвезди.
И на крајот се бара и организација на најмалку 12 настани низ државата во форма на театарски и визуелни перформанси со концепт „35 години независна Македонија“. Идентично со настаните насловени „Силно светнал ден“.
Единствени што се јавиле на огласот, како што вели Климовски, биле Авалон преку нивната фирма „Стардаст“. За тоа дали концептот кој го понудиле одговарал на барањата на огласот одлучувала надворешна комисија составена од уметници.
Пет дена по истекот на огласот, односно на 12 мај, Бобан Милошески, како претставник на Авалон и Марија Митева, како претставник на Владата, на прес-конференција објавуваат дека независноста ќе се слави со диџејот Гета и го најавуваат концептот.
Оттогаш и почнуваат прашањата за парите што ќе се потрошат. Митева тогаш велеше дека „јавноста ќе биде навремено и транспарентно информирана во фазите кога ќе бидат финализирани сите програмски, продукциски и договорни елементи“.
За парите потрошени за прославата не одговори ниту Милошески од Авалон возвраќајќи на новинарско прашање со контрапрашање „Дали ти изгледам како идиот?“.
Во недостиг на официјални информации она што засега може да види од јавните објави на социјалните мрежи е дека на некои од настаните има и спонзори, меѓу кои се најголемите компании во државата.
Вкупно досега се организираа 16 настани, најголем дел од нив таканаречените „Силно светнал ден“, а гостуваа и други светски познати диџеи како Стив Аоки, Пол ван Дајк и Пол Окенфолд.
Перформансот „Силно светнал ден“, пак, го разви продукцијата ОХО со режисерот Дејан Пројковски.



