
Министерството за правда денеска го достави Предлог-законот за Судски совет во собраниска процедура. Според надлежните, законот ќе воведе објективно оценување на работата на членовите на Советот, транспарентност во носењето одлуки и механизми за нивна одговорност. Ова е една од клучните препораки што ја нотира и Оценската мисија на Европската унија, а сега Северна Македонија директно одговара на таа препорака.
Клучните новини што ги предвидува законот вклучуваат јавност во постапката за разрешување на претседателот или заменикот на Советот, транспарентност во сите постапки, прецизирање на критериумите за избор на „истакнат правник“, воведување јавна расправа за кандидатите за не-судски членови, зајакнување на критериумите за избор, одговорност и разрешување на членови од редот на судиите, како и унапредување на целокупната правна рамка согласно препораките на ЕУ.
Предлог-законот е дел од поширокиот пакет законски решенија што државата треба да ги донесе до крајот на годината како дел од реформската агенда во правосудството.


