Утрински Весник
Македонија

Правните застапници на оштетените семејства на Вања и Панче се изјаснија дека во целост ги прифаќаат завршните зборови на Обвинителството

Vanja Gjorcevska Pance Zezovski 960x552 1 1.jpg

По завршните зборови на Основното јавно обвинителство на денешното судско рочиште за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, правните застапници на оштетените семејства пред судот изјавија дека во целост го прифаќаат барањето на Обвинителството, се приклучуваат кон кривичното гонење и бараат имотно правно побарување.

Полномошникот на мајката и сестрата на Вања, посочи дека се приклучуваат кон кривично гонење и поднесуваат писмено барање за отштета за нанесена нематеријална штета. Беше нагласено дека нивното барање е солидарно да се исплатат пари, онака како што е наведено во поднесокот, имајќи ги предвид тешките психички последици и ненадоместливоста на изгубениот живот. За да нема дополнителна траума, предлагаат Судот да не ги упатува во граѓанска постапка.


Во завршниот збор, адвокатката на мајката Зорица Ѓорчевска и сестрата Миња, побара од Судот да ѝ биде дозволено да пренесе обраќање од мајката Зорица, но не ѝ беше одобрено во целост од страна на Судот.

– Се обраќам до судот, не како мајка туку и како човек кој живее со најтешка и необјаснива болка. Скоро цела година целата јавност внимателно го следи овој макотрпен судски процес. Сите обвинети се изјаснија дека не чувствуваат вина за делата што им се ставаат на товар. Во текот на процесот беа презентирани низа материјални докази и сведоштва, секојдневно и насекаде слушаме различни теории на заговор, одбрани базирани на наводни политички прогони, местенки, безбројни приговори. Но, за жал еден факт останува непобитен, Вања јa нема. Ја киднапирале и ја однеле, ја убиле безмилосно на најбрутален начин, детето мое. Кога ќе слушневме за некој немил настан во светот, на двете мои ќерки им велев дека вакви работи кај нас во Македонија не се случуваат, далечни ми беа. Но се случи и тоа токму мене на моето најмило и не смее да се повтори. Ниту еден родител не смее да го доживее тоа што јас го доживеав, беше наведено во писменото обраќање на Зорица.

На рочиштето присутни беа и двете ќерки на Жежовски, Македонка и Ана, кои се изјаснија дека во целост го прифаќаат завршниот збор на Основното јавно обвинителство, се приклучуваат кон кривичниот прогон и бараат имотно правно побарување.

Обвинителството денеска во завршните зборови побара максимална казна доживотен затвор за четворицата обвинети Љупчо Палевски, Влатко Кешишев, Боре Видевски и Велибор Манев, додека за таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски побара судот да му ја одреди соодветната затворска казна.

За Ѓорчевски, обвинителката рече „нема потешка казна од загуба на дете и од живот со таква совест како во случајов на таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски. Не тврдиме дека сакал да му го убијат детето, но учествувал во киднапирањето на ќерка си и бараме соодветна казна за тоа”

Можете да прочитате

Светот бара прекин на огнот во Газа, Македонија и Албанија воздржани

Мицкоски: Мотивите на владите на ДУИ и СДСМ беа попустливост кон Бугарија

Приведени се 13 полициски службеници за пожарот во „Пулс“