
Лажна дојава за пожар во домот на полскиот претседател Карол Навроцки довела до интервенција на пожарникари, кои насилно влегле во неговиот стан во Гдањск, пренесоа денеска полските медиуми.
Портпаролот на полскиот претседател, Рафал Лешкјевич, на социјалните мрежи соопшти дека вчера повторно бил упатен лажен повик на бројот за итни случаи 112, а овојпат бил поврзан со куќата на претседателот Навроцки.
„Денеска беше упатен уште еден лажен повик на бројот 112. Овојпат се однесуваше на пожар во семејната куќа на претседателот на Република Полска, Карол Навроцки, во Гдањск. Додека станарите беа отсутни, службите ја пробија вратата и влегоа во станот“ – напиша Лешкјевич на социјалната мрежа Икс, пренесе Радио Зет.
Тој нагласи дека службите за итни случаи веќе неколку дена се парализирани од лажни пријави поднесени во име на новинари и јавни личности поврзани со полската десница.
„Владата веќе неколку дена не е во состојба да реагира на соодветен начин. Денеска мета се јавни личности, но оваа закана би можела да погоди секого. Поради тоа е потребен решителен одговор. Сите овие случаи мора да бидат истражени“ – наведе Лешкјевич.
Полскиот премиер Доналд Туск потврди дека е во постојан контакт со министрите и со безбедносните служби.
– Уште една телефонска провокација, овојпат за пожар во семејниот стан на претседателот Навроцки во Гдањск. Во постојан контакт сум со министрите и службите, а му изразив и солидарност на претседателот. Свикав седница на Владата за утре наутро. Акциите на провокаторите се насочени против државната безбедност, против сите нас. Ќе ги искористиме сите расположливи методи за да ги идентификуваме и да ги уапсиме саботерите, без оглед на тоа од каде доаѓаат или кој стои зад нив – порача Туск.


