Утрински Весник
Магазин

Потење, крв во урината… Знаци дека можеби имаме камења во бубрезите

Pesak U Bubregu.jpg

Камењата во бубрегот погодуваат еден од десет луѓе, главно на возраст од 30 до 60 години, а се предизвикани од отпадни продукти во крвта кои формираат кристали. Со текот на времето, кристалите се наталожуваат и формираат тврда грутка слична на карпа.

Откако ќе се формира камен во бубрегот, телото ќе се обиде да го исфрли преку урината. Тие се обично мали и не предизвикуваат значителни проблеми, но кога камењата во бубрезите стануваат премногу големи, тие можат да станат исклучително болни и обично бараат операција за нивно отстранување. Кои се знаците дека можеби имаме камен во бубрегот?

Болка во грбот или на страната на абдоменот

Според Националната фондација за бубрези, колку е поголем каменот, толку повидливи се симптомите. Честа поплака е силна болка на двете страни на долниот дел на грбот.

Периодите на интензивна болка во грбот или на страната на абдоменот, повремено во препоните, може да траат неколку минути или часови. Мажите може да чувствуваат болка во тестисите. Камењата во бубрезите предизвикуваат болка која брзо може да се зголеми, или со предизвикување иритација или блокада. Последново може да се случи ако каменот го блокира протокот на урината и предизвикува отекување на бубрезите.

Крв во урината

Заболените може да видат крв во урината, која се појавува кога се исфрлаат камењата од бубрезите. Други причини за крв во урината вклучуваат уринарна инфекција, тумор во мочниот меур или бубрезите и полицистични бубрези.

Инфекција на уринарниот тракт

Ако камен во бубрег го блокира уринарниот тракт, може да го запре протокот на урината низ уретерот, кој ја исцедува урината од бубрегот. Ова може да доведе до инфекција или дури и оштетување на бубрезите.

Симптомите вклучуваат висока температура, повраќање и дијареа. Луѓето исто така може да забележат дека нивната урина е розова или заматена и чувствуваат потреба да уринираат почесто од вообичаено. Може да има и чувство на печење при мокрење.

Чувство на мачнина или повраќање

Знаците на бубрежни камења не мора секогаш да се поврзани со мокрењето. Тие исто така може да предизвикаат симптоми слични на грип, како што се гадење и повраќање.

Според Британското здружение на уролошки хирурзи, овој симптом може да се појави кога каменот се движи од бубрегот кон уретерот. Ова може да предизвика непријатна болка и да доведе до гадење и повраќање.

Потење

Камењата во бубрезите може да предизвикаат и други симптоми слични на грип, како што е треска. Ова е обично резултат на уринарна инфекција. Но, слични симптоми може да бидат предизвикани од проблеми со грбот или ‘рбетот и други уролошки или невролошки состојби.

Здружението на уролошки хирурзи ги повикува сите кои ги имаат овие симптоми да закажат преглед кај општ лекар за да се утврди дали треба да се подложат на дополнителни тестови. Тестовите за дијагностицирање на камења во бубрезите вклучуваат тест на крвта за да се провери дали бубрезите работат правилно, тест на урина за проверка на крв или инфекција и КТ или ултразвучно скенирање.

Можете да прочитате

Еве зошто одењето е поздраво од трчањето

Ангелските души се раѓаат во овие три знаци! На нивната добрина и нема крај

Печурките имаат магично својство! Ја подобруваат меморијата и ја намалуваат анксиозноста