Утрински Весник
Балкан

Поранешниот лидер на Златна зора, осуден за водење криминална организација, ќе биде пуштен од затвор

20240502105104 Big 730x400 9.webp.webp

Поранешниот претседател на грчката радикално десничарска партија Златна зора, Никос Михалољакос, кој беше осуден на 13-годишна затворска казна за водење криминална организација, се очекува да биде пуштен од затвор, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина. 

Повикувајќи се на судски извори, медиумите објавија дека Судот во градот Ламиа донел одлука Михалољакос да биде ослободен, откако издржал три петтини од казната, иако обвинителот имал спротивно мислење и предложил да остане во затвор. 

Според истите информации, Михалољакос ќе биде ослободен, но под неколку услови поставени од судскиот совет,  односно ќе има забрана да ја напушти областа Атика, поширокиот регион на Атина, еднаш месечно ќе треба да се пријавува во полициска станица и нема да смее да биде во контакт со лицата вмешани во истиот случај. 

Сепак, медиумите пишуваат дека обвинителот има право да достави жалба против одлуката на советот.

Златна зора во октомври 2020 година, со судска одлука беше прогласена за криминална организација, а лидерот, поранешните пратеници, како и членови на партијата беа осудени на затворски казни, во судскиот процес што траеше пет години и беше еден од најголемите и историски процеси во Грција.

Лидерот Михалољакос и пет поранешни пратеници добија 13 години затворска казна за формирање криминална организација.

Во јуни 2022 година, седум години по почетокот и 20 месеци по завршувањето на процесот, судењето започна одново по жалбата од осудените поднесена против пресудата донесена во прв степен и е во тек.

Златна зора во периодот од 2012 до 2019 година беше дел од грчкиот Парламент. 

Можете да прочитате

Хрватска ќе инвестира 2 отсто од БДП за одбрана во историска модернизација на војската

Конгрес на хотелиери на Хрватска: Хрватска поскапа од Албанија за 52 отсто

Сараево утрово прв на листата на градови во светот со најзагаден воздух, Скопје на четвртото место