Утрински Весник
Магазин

Популарните апчиња за холестерол се многу побезбедни отколку што се мислеше претходно

Lek pie apche.jpg

Статините, лековите за намалување на холестеролот што ги користат милиони луѓе ширум светот, се значително побезбедни отколку што се веруваше досега, покажува нова голема научна студија. Авторите на истражувањето предупредуваат дека стравот од несакани ефекти ги одвратил дел од пациентите од терапија која може да спаси живот, објави Би-Би-Си.

Истражувањето, финансирано од Британската фондација за срце и објавено во престижното медицинско списание „Лансет“, опфатило повеќе од 120.000 учесници. Во студијата бил споредуван ефектот на статините со плацебо, односно лажен лек, при што ниту еден од учесниците не знаел каква терапија прима.

Резултатите покажале дека статините не се причина за повеќето од вообичаено наведуваните несакани ефекти, како што се губење на меморијата, депресија, нарушувања на спиењето, зголемување на телесната тежина или еректилна дисфункција. Истовремено, лековите значително го намалуваат ризикот од срцев и мозочен удар.

Истражувачите од Универзитетот во Оксфорд истакнуваат дека статините се меѓу најефикасните терапии за намалување на нивото на „лошиот“ LDL холестерол и дека нивната употреба докажано го намалува ризикот од кардиоваскуларни заболувања – состојби кои предизвикуваат околу 10 милиони смртни случаи годишно во светот.

Според анализата, извештаите за несакани ефекти биле речиси идентични и кај групата која примала плацебо, што укажува дека многу од тегобите не биле директно поврзани со лекот.

Студијата покажала дека од вкупно 66 наведени несакани ефекти, само четири имале поврзаност со земањето статини, и тоа кај мал број пациенти. Станува збор за промени во тестовите за функцијата на црниот дроб, мали абнормалности на црниот дроб, промени во урината и оток на ткивата. Истражувачите нагласуваат дека не е утврдено зголемување на сериозни заболувања на црниот дроб, како хепатитис или откажување на црниот дроб.

Во ретки случаи, терапијата може да предизвика оштетување на мускулите или благо зголемување на нивото на шеќер во крвта, што кај чувствителни лица може да го забрза појавувањето на дијабетес, но овие случаи се оценети како невообичаени.

Водечката авторка на студијата, професорката Кристина Рит, изјави дека загриженоста околу безбедноста на статините довела до тоа многу пациенти да одбиваат или да ја прекинат терапијата. „Постојаната конфузија и стравот од несакани ефекти ги одвраќаат луѓето од лекови кои можат значително да го намалат ризикот од сериозни болести“, посочи таа.

Нејзиниот колега, професорот Рори Колинс, смета дека информациите во упатствата за лековите треба да се ревидираат, со цел пациентите и лекарите да носат поинформирани одлуки.

Професорот Брајан Вилијамс од Британската фондација за срце оцени дека негативниот публицитет околу недокажани несакани ефекти влијаел и врз пациентите и врз лекарите. „Апсолутно сме воодушевени од резултатите. Овие наоди треба да бидат големо охрабрување“, изјави тој.

Експертите нагласуваат дека статините спасуваат животи, но советуваат пациентите секогаш да се консултираат со лекар доколку почувствуваат несакани реакции или имаат дилеми околу терапијата.

Можете да прочитате

Деформирана при бегството на крадците во Лувр, круната на француската царица ќе се обновува

Змија долга 7,22 метри и тешка 96,5 килограми влезе во Гинисовата книга на рекорди

Шок за млад човек: Гледал видео +18 и открил дека тој е на снимката