
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека состојбата по обилните врнежи од дожд, заклучно со 17:00 часот, во најголем дел од територијата на Република Северна Македонија е стабилна и без нарушување на редовното функционирање.
Според податоците од регионалните центри за управување со кризи, во Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Ранковце и Кратово не е евидентирано излевање на реки, ниту последици од врнежите, а надлежните општински служби ја следат состојбата. И во Скопје, Струмица, Велес, Кавадарци, Неготино, Свети Николе и Штип не се пријавени поплави или одрони, при што состојбата е под контрола.
Посериозни проблеми се пријавени во Охрид, каде што се евидентирани поплавени подруми, гаражи и дворови на повеќе локации. За состојбата се известени локалната самоуправа и Кризниот штаб на Општина Охрид, кои постапуваат по пристигнатите пријави.
Во Кичево се регистрирани поплави на повеќе стамбени објекти на улицата „Прилепска“, поради што е започната евакуација на жители. На терен интервенираат екипи на Општина Кичево, Дирекцијата за заштита и спасување, Црвениот крст, ЈКП „Комуналец“ и други надлежни служби.
Во Струга, по пријава преку бројот за итни повици 112, евидентиран е поголем одрон на патниот правец село Татеши – село Мислодежда. За настанот е известено ЈП „Македонија пат“, кое презема активности за санација.
На подрачјето на Тетово и Гостивар се регистрирани одрони на патните правци Гостивар–Стража и Тетово–Бањиче, поради што сообраќајот се одвива со повремени отежнувања. Истовремено, пријавени се и излевања на реките Вардар во селото Балин Дол, Лукавичка Река во селото Мало Турчане и Сушичка Река во селото Горно Бањице, при што е поплавено земјоделско земјиште и дел од дворови. За состојбата се известени надлежните институции, а ХЕЦ Маврово презела мерки за намалување на производството на електрична енергија.
Во Општина Боговиње, поради излевање на вода надвор од постојните канали, поплавено е обработливо земјиште, а директорот на ЈКП „Шари“ е на терен и ја координира интервенцијата.
Во Битола и Ресен, одронот кај селото Сирхан е саниран, додека во селото Дрмени се поплавени два двора, за што се известени Општина Ресен и ДЗС.
Од ЦУК информираат дека врнежите продолжуваат и дека состојбата на теренот и водостоите на реките се следат континуирано од надлежните институции.


