Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата (ОЈО ГОКК) соопшти дека е приведена криминална група која се занимава со продажба на наркотици. Според ОЈО, попладнево биле извршени претреси на повеќе локации во Скопје и Гевгелија.
Водачот на групата, Раде Трајковски-Штекли, е уапсен денеска од страна на Министерството за внатрешни работи (МВР). Според неофицијални информации, тој бил фатен при обид за бегство во близина на хотел во околината на Гевгелија. Штекли е осомничен за трговија со дрога и организирање на група од над десет члена кои подолго време се занимавале со продажба на наркотици.
Штекли беше познат на јавноста по серија инциденти од минатото. Во 2023 година, тој беше двапати цел на вооружени напади во трговскиот центар „Ист гејт”. Во ноември истата година, во дворот на неговата куќа во скопската населба Ќерамидница беше фрлена бомба, од која помина со полесни повреди.
Оваа акција следи по неодамнешното апсење на поголем дел од криминалната група Беланоца, кои се сомничат за неколку убиства од минатото. Од ОЈО ГОКК најавија дека повеќе детали за најновиот случај ќе бидат соопштени утре.