
Пишува: проф д-р Иван Анастасовски:
Денес ударно беше најавена изјавата на премиерот Мицковски за силната поддршка за претсeдателот Трамп, но понекогаш во политиката не е најважно кого поддржувате, туку што добивате од таа поддршка.
По повод изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека Македонија силно го поддржува претседателот Доналд Трамп и политиките на неговата администрација отвора многу пошироко прашање од класичната партиска политика. Тоа е прашање на државна стратегија, и воедно се поставува дилемата што би може Македонија да добие од блиското партнерство со Вашингтон, но и што може да изгуби ако таа политика се претвори во безрезервно политичко поистоветување?
Ако се следи пишувањето и изјавите кои ги има дадено премиерот Мицкоски за „Брајтбарт њуз“ (Breitbart News), се укажува на тоа дека тој (мислам на премиерот) јасно пораучува дека Македонија сака да биде еден од столбовите на американските интереси на Балканот и дека поддршката кон САД ја покажува и преку своите позиции во меѓународните институции. Во исто време, тој нагласува дека вториот голем стратешки приоритет е членството во Европската Унија. И токму тука се наоѓа суштината на дилемата.
Од оваа временска истанца Вашингтон може да биде голема можност (придобивка) но и голем ризик, зависи (кој ризикува може да добие и и да изгуби)
За мала држава како Македонија, блиското партнерство со САД може да има сериозна геополитичка вредност. Имено, Македонија е членка на НАТО а се уште може да се каже дека американската безбедносна и политичка улога во Алијансата е голема. Затоа, посилните односи со Вашингтон би можеле (но не мора да значи) дека ќе имаме поголема безбедносна стабилност, подобра воена соработка, инвестиции во инфраструктурата и поголема американска дипломатска поддршка за интересите на нашата земја.
Но сепак, поддршката која во овој случај ја искажува нашиот Премиер не би требало да биде еднонасочна улица. Ако веќе му даваат политичка, дипломатска и стратешка поддршка на Вашингтон, тогаш за возврат треба да се очекува и Вашингтон да покаже добра војла кон Македонија како наш значаен партнер кој не само да треба да гласа во меѓународните организации, туку напротив да и решаваат и нашата стратешка определба (а се знае која е).
Најголемата придобивка од сето ова би била американска поддршка за нашиот европски пат, значи тука може да се направи најважниот политички чекор. Нашата стратешка формула треба да биде од една страна Вашингтон за безбедност и стратешко партнерство, доека од друга Брисел за европска интеграција и економска перспектива.
Европскиот совет јасно потврдува дека иднината на Македонија е во Европската Унија, но истовремено нагласува дека за формално отворање на преговорите останува неопходно исполнувањето на договорените услови. Затоа, американската поддршка би имала најголема вредност (како придобивка) доколку се претвори во дипломатски капитал за забрзување на европскиот пат. Ако Вашингтон може да помогне во создавање посилен политички простор меѓу Македонија, Софија и Брисел, тогаш силното партнерство со САД може да има историска тежина.
Но постојат и ризици, а тие се огледуваат во тоа да политичката симпатија кон еден американски претседател не смее да стане замена за долгорочната државна политика. Да се разбереме претседателите доаѓаат и заминуваат, но државните интереси остануваат тие се вечни. Затоа Македонија мора да внимава да не создаде впечаток дека нејзината надворешна политика зависи од тоа која политичка администрација е на власт во Вашингтон. Денес е Трамп, но за некој период може да биде друг претседател, затоа американско-македонското партнерство мора да биде посилно од секоја администрација.
Втор ризик би било во тоа да не го загубиме европскиот баланс, односно за нас Европската Унија мора да остане нашиот најголем економски и трговски партнер и еден од најважните инвеститори во земјата. Затоа, секое заострување на односите Вашингтон–Брисел може индиректно да стане проблем и за нас.
И трет ризик е тоа да се води сметка дека големите сили секогаш имаат свои интереси, Америка си има свои интереси, Европа си има свои интереси, Кина има свои интереси, Русија има свои интереси, и нормално Македонија мора да има свои интереси. Најголемата грешка на малите држави е кога туѓата геополитичка агенда ја прифаќаат како сопствена национална стратегија. Ние треба да бидеме партнер, а не инструмент. Да бидеме корисен сојузник, но истовремено да знаеме што бараме за возврат.
Напомена: Македонија не треба да бара моќни пријатели само за да им служи слепо, таа треба да гради моќни партнерства се со цел за да си ги заштити сопствените интереси, а тие се најзначајните.



