Половина од парите потрошени ширум светот за купување на флаширана вода, чија потрошувачка буквално експлодираше во последните децении, би биле доволни за да се обезбеди универзален пристап до вода за пиење, покажува новата студија на Обединетите нации.
Доколку престанат да пијат вода од шишиња, потрошувачите исто така ефективно би придонеле за намалување на загадувањето со пластика, имајќи предвид дека 85 отсто од тие шишиња завршуваат во отпад, се додава во извештајот.
„Луѓето веруваат дека флашираната вода е поздрава, но тие плаќаат премногу за таа вода“
Вкоренетите предрасуди силно влијаат на изборот на потрошувачите што да пијат, истакнуваат авторите.
„Тие веруваат дека флашираната вода е поздрава“, објаснува Зејнеб Булел, водач на студијата на Обединетите Нации објавена денес.
„Меѓутоа, покажавме дека тоа не е нужно точно, а покажавме и дека луѓето плаќаат премногу за флаширана вода, од 150 до дури 1.000 пати поскапа од литар вода од чешма“, вели научникот од Институтот за вода, екологија и здравје при Обединетите нации со седиште во канадскиот град Хамилтон.
Загадувачи се пронајдени во стотици брендови во шишиња од повеќе од 40 земји и често ги надминуваат локалните и светските стандарди, се посочува во извештајот.
Опасноста од неконтролирана експлоатација на подземните води заради полнење шишиња
Во текстот се предупредува и на сериозен недостиг на регулативи за производство на шишиња. Се посочува дека владите не успеваат да бидат во чекор со галопирачкото проширување на тој сектор.
„Неконтролираната експлоатација на подземните води со цел флаширање и продажба може, со текот на времето, да доведе до исцрпување или драстично намалување на подземните резерви на вода за пиење“, велат авторите.
Две милијарди луѓе во светот се’ уште немаат пристап до квалитетна вода за пиење, предупредува Владимир Смахтин, еден од авторите на студијата . Сепак, постигнат е одреден напредок, според студијата. Така, во 2020 година, 74 отсто од светското население имало пристап до безбедна вода од чешма, што е зголемување во споредба со 62 отсто една година порано.
„Но, сè уште сме многу далеку од постигнување на целта на Обединетите нации за обезбедување пристап до вода за пиење за сите жители на планетата до 2030 година“, рече Смахтин.
Се предупредува дека сегашниот тренд не е одржлив
Авторите на извештајот на ОН повикуваат и на многу поголема транспарентност и ги повикуваат земјите да усвојат законски мерки кои ќе ги обврзат производителите јавно да објавуваат податоци за тоа колку кубни метри вода црпат и редовно да ги проценуваат последиците од нивните активности врз животната средина.
Во изминатите десет години светското производство на флаширана вода е зголемено за 73 отсто и достигна речиси 270 милијарди долари и 350 милијарди литри.