Утрински Весник
Македонија

Политичарките на мета на навреди, да се даде простор за нивно поголемо присуство во медиумите

Rodova.webp.webp

Политичарките во државава се многу поизложени на штетни наративи за разлика од нивните машки колеги, а стереотипите кон жените во политиката, сексизмот и мизогинијата се само некои од причините поради коишто говорот на омраза и навредите во јавниот простор се поизразени и почести. Политичарките во Северна Македонија се соочени со сексизам, навреди и дискриминација во медиумите и за време на јавните настапи. За време на избори, политичарките најмногу се изложени на вербално насилство, стереотипи и дискриминација, кои не се само проблем во политички контекст, туку и во создавањето генерални стереотипи на нивниот потенцијал во политиката во јавната сфера, што натаму води кон родово базирано насилство. Сексистичките коментари го нормализираат насилството, додека медиумите, во потрага за повеќе кликови и лајкови, неретко ги изостануваат основните етички норми, но и препораките за известување за одредени лица или теми.

Анализата што ја изработи Институтот за комуникациски студии (ИКС), покажува дека онлајн нападите со родова содржина претставуваат деструктивна алатка што може да се користи на различни начини во текот на изборите, со цел да ги одврати жените да учествуваат како кандидатки. И оттука од особена важност е известувањето на медиумите за време на изборните процеси да не придонесува за креирање и ширење родово-штетни наративи.

Она што го забележува истражувањето е дека новинарските извештаи сувопарно ги пренесуваат информациите и изјавите по редоследот како што се појавуваат, без притоа да дадат некаков критички осврт или поширока анализа. Исто така, прашањата поврзани со учеството на жените во политиката особено од помалите етнички заедници, не се од интерес за медиумите, и покрај тоа што етничките прашања се прилично застапени во новинарските извештаи за предизборната кампања. И покрај тоа што некои медиуми успеваат да го вметнат прашањето на родова еднаквост во своите извештаи, сепак интересот на најголем дел медуми за пренесување на овие објави континуирано е незначителен, пренесе МИА.

Истражувањето на ИКС заклучува дека родовиот наратив е значително малку застапен, односно во околу 60 од анализираните новинарски извештаи, пред сè како директен резултат на неговата ниска застапеност и во реториката на говорниците/чките. Меѓутоа, дури и во случаите кога се третираат, голем дел од медиумите не ги вклучуваат изјавите за родовите прашања во своите новинарски извештаи. Само четири медиуми објавуваат новинарски извештаи во кои се анализираат теми како вклученоста на жените на изборите, особено жените од различни етнички заедници, што укажува на ниската свест на голем дел од медиумите за важноста на теми поврзани со родовата еднаквост. Најголем дел од извештаите се сведуваат на сувопарно пренесување изјави на кандидатките и кандидатите, односно партиските лидери, со што медиумите се сведуваат само на пренесувачи на „сервирани факти“.

Без разлика на наративот што е во фокусот, во новинарските извештаи често се употребува сензационалистички јазик, особено во насловите, што може да придонесе за површно донесување заклучоци од публиката. Дополнително, во дел од овие наслови се забележува родово-стереотипно прикажување на жените, како и во текстовите на извештаите.

Експертите и претставници на институциите со кои разговараше МИА, се согласни дека изборната кампања изобилуваше со сексистички говор, којшто својата кулминација ја достигна во он-лајн просторот, додека застапеноста на политичарките во медиумскиот простор, сметаат тие, се уште на ниско ниво во државава. Тие го делат мислењето дека треба уште многу да се работи на превенција, меѓутоа и на заштита од говор на омраза во медиумите.

Можете да прочитате

Тошковски: Управните служби ќе нудат брзи и квалитетни услуги за сите потреби на граѓаните

На Клиника за онкологија во Скопје ќе се работи во две смени

Запленети возила, цигари, облека: Царинската управа спречи обиди за криумчарење на разна стока