Утрински Весник
Македонија

Полицискиот синдикат на протестен марш – Заканите кон полицајци да се казнуваат со притвор

20260204190806 big 730x400 86.webp.webp

Независниот синдикат на полицијата (НСП) утре во Битола ќе организира мирен марш со кој ќе побара доследно и еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без селективен пристап, по последните закани за тепање и убивање полицајци кои ја вознемирија јавноста.

Маршот ќе започне во 11 часот со јавен собир пред Основното јавно обвинителство во Битола, по што учесниците ќе се упатат кон хотел „Епинал“, а завршницата е предвидена на плоштадот „Магнолија“.

Од НСП велат дека маршот има за цел да се актуелизира прашањето за еднакво владеење на правото и да се испрати јасна порака дека законите мора да важат подеднакво за сите, без разлика дали станува збор за полицајци, граѓани или институции. Повод за протестот се, како што посочуваат, последните јавни изјави и настани во Битола, во кои поединци јавно се заканувале со насилство кон полициски службеници доколку тие ги спроведуваат законите.

Од синдикатот нагласуваат дека маршот не е насочен против ниту една етничка, социјална или друга заедница, туку претставува апел за крај на, како што велат, двојните аршини во постапувањето на институциите и враќање на чувството на правда.

Меѓу барањата кои ќе бидат упатени од маршот се еднаков третман пред законот за сите извршители на кривични дела, прекин на селективната правда и определување притвор за сторителите во случаи на сериозни закани. Од НСП потсетуваат дека во сличен случај пред две години во Прилеп, кога лице се заканувало на обвинителка, веднаш бил побаран и определен притвор.

Дополнително, синдикатот бара и итна измена на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, односно враќање на поранешната глоба од 1.000 евра за омаловажување на државни органи и полициски службеници, наместо сегашните казни од 50 до 150 евра.

Од НСП велат дека целта на мирниот марш е и враќање на достоинството на полицијата, а во меѓувреме до Основното јавно обвинителство Битола е поднесена и кривична пријава против две лица поради упатени сериозни закани по животот на полициски службеници. Двете лица во меѓувреме јавно се извиниле, објаснувајќи дека заканите биле изречени под стрес.

Можете да прочитате

Шуга меѓу војници во касарната во Велес

СДСМ: Нема одговор од МВР – Кој дозволи 5 тони дрога да помине граница

Во обложувачница во Скопје претепан петнаесетгодишник