
Русија соопшти дека нејзините сили напредуваат на север кон Покровск, обидувајќи се да преземат целосна контрола врз украинскиот град, а украинската војска вели дека нејзините трупи се борат жестоко за да ги спречат Русите да освојат нова територија.
Украина призна дека нејзините војници се во тешка ситуација во стратешкиот источен град, кој некогаш беше важен транспортен и логистички центар за украинската армија, а кој Русија се обидува да го освои повеќе од една година.
Русија го гледа градот како порта за освојување на преостанатите 10 проценти, или 5.000 квадратни километри, од источниот индустриски регион Донбас – една од главните цели во речиси четиригодишната војна.
Руското Министерство за одбрана објави дека две напаѓачки групи ги уништуваат украинските трупи кои се опколени во неколку градски области и дека продолжуваат со офанзивата кон север. Руските сили ги расчистуваат украинските трупи од населбата во југоисточниот дел на Покровское и ги одбија украинските обиди да се пробијат од опколата.
Украинската армија негираше дека нејзините војници се опколени во Покровск. Таа изјави дека тие се обидуваат да ги спречат руските војници да се етаблираат и во исто време да обезбедат и заштитат логистичките патишта во поширокото подрачје. Сепак, ситуацијата на теренот ги негира, а Русите се приближуваат кон освојување на блискиот Мирноград, што целосно би ги опколило Украинците.



