Истражување направено на Универзитетот во Вашингтон дошло до сознание дека сите кучиња имаат слични здравствени проблеми, но со посериозни болести се поголемите раси. Студијата ја открива причината зошто помалите кучиња обично живеат подолго од поголемите, што може да биде изненадување за сопствениците на кучиња. Во анализата биле опфатени повеќе од 25.000 кучиња од 238 раси. Тимот истражувачи забележал дека поголемите кучиња имаат поголема веројатност да развијат рак, болести на коските, гастроинтестинални, невролошки и ендокринолошки проблеми, како и инфекции и болести на увото, носот или грлото. Спротивно на тоа, помалите раси се почесто погодени од проблеми со очите, срцето, респираторниот систем и болести на црниот дроб или панкреасот. Сепак, големината на кучето немала влијание врз инциденцата на бубрежни или уринарни заболувања. Оваа студија нагласува дека иако поголемите раси немаат повеќе здравствени проблеми од помалите раси воопшто, сепак, постојат специфични ризици за одредени болести кои би можеле да објаснат зошто поголемите раси имаат пократок животен век. Истражувачите укажале на потребата од дополнителни студии за подобро разбирање на врската помеѓу возраста на кучето, неговата големина и распространетоста на болеста. – Ова истражување не воспоставува дефинитивна причинско-последична врска помеѓу големината и возраста на кучето и неговите здравствени проблеми. Сепак, резултатите може да дадат увид во условите кои можат да придонесат за пократок животен век кај поголемите раси – истакна Јунби Нам, авторот на студијата.